Loading Video...
Свет
13. December 2024 - 12:15

Преглед на вестите од свет

Демонстрантите во Белград одржаа уште еден протест незадоволни од одлуките на претседателот Александар Вучиќ, иако тој во средата вети дека ќе ги објави сите документи поврзани со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, каде на 1.ноември се сруши настрешницата и имаше 15 жртви. Притоа тие бараат и ослободување на уапсените демонстранти. 

Владејачката коалиција и Вучиќ ги отфрлија обвиненијата и рекоа дека сите одговорни за катастрофата мора да одговараат. Демонстрантите демонстрираа и против српскиот јавен радиодифузен сервис РТС, за кој велат дека ги игнорираат протестите против владата.

Европските министри за надворешни работи се согласни дека на Украина и се потребни долгорочни безбедносни гаранции и ќе разговараат за ова прашање на состанокот во Берлин изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок пред разговорите.

Таа е домаќин на министрите на Полска, Франција, Шпанија, Италија и Велика Британија, како и шефот за надворешна политика на Европската унија и министерот за надворешни работи на Украина, на конференцијата фокусирана на поддршката за Киев, како и на случувањата во Сирија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на вчерашниот ден ја посетил линијата на фронтот во југоисточниот регион Запорожје. „Овие момци ги бранат нашите региони Запорожје и Доњецк од окупаторите“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Русија редовно изведува воздушни напади врз Запорожје и околниот регион, а според последните вести и новите руски напади на мета е енергетскиот сектор на Украина, кој е под масовен напад објави министерот за енергетика Херман Халушченко.

И Украина и Русија гледаат на перспектива за мировни преговори, со стапувањето на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп на функција на 20 јануари, повикувајќи на итен прекин на огнот и брз крај на војната.