Loading Video...
Свет
10. April 2024 - 12:18

Преглед на вести од светот

Пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа е „погрешен“, изјави американскиот претседател Џо Бајден во интервју за Унивизион, американската ТВ мрежа на шпански јазик, што беше објавен вчера, притоа нудејќи дополнителни критики за справувањето со конфликтот од страна на Израел.

Мислам дека тоа што го прави е погрешно. Не се согласувам со неговиот пристап, изјави Бајден. Американскиот претседател, исто така, претходно израелското бомбардирање на Газа го нарече „неселективно“, а неговите воени дејствија „претерани“.

Белата куќа минатата недела објави дека претседателот во разговор со Нетанјаху се заканил дека американската поддршка за израелската офанзива ќе ја условува со преземање конкретни чекори за заштита на хуманитарните работници и цивилите. Тој повик уследи по израелскиот воздушен напад во кој загинаа седуммина вработени во хуманитарната група World Central Kitchen.

САД традиционално го штитат Израел во Советот за безбедност на ОН и ставија вето на три нацрт-резолуции за војната во Газа.

Палестинците во јужниот дел на Газа одржаа утринска молитва за Бајрам покрај урнатините на џамијата Ал Фарук во Рафа, шест месеци по израелската воздушна и копнена кампања што ја опустоши палестинската енклава.

По повлекувањето на израелските сили, жителите на Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа почнаа да се враќаат дома, но видоа дека нивните куќи се целосно уништени и во урнатини. Израел ги повлече сите копнени трупи, освен една бригада од јужниот дел на Газа. Речиси 400.000 луѓе живееле во и околу Кан Јунис пред да избие тековниот конфликт Израел-

Во некогаш просперитетното централно градско подрачје на Кан Јунис, работниците од цивилната одбрана се обидуваат максимално да ги расчистат патиштата, а од урнатините континуирано се ископуваат останките и предметите на загинатите во израелското бомбардирање.

Кан Јунис е место каде нема услови за живеење.

Алармот од поплави се огласи во два руски града, со предупредување за илјадници луѓе да се евакуираат, бидејќи постои можност од излевање на две големи реки. Улиците на периферијата на Оренбург се претворија во водни патишта, а луѓето ги заменија своите автомобили со чамци за да се движат наоколу. Брзото топење на снегот низ делови од планините Урал и Сибир придонесоа за поплавите, при што се што се погодени најмалку 10.500 домови.

Реката Урал, трета по големина во Европа, која се влева во Каспиското Море, проби брана во петокот поплавувајќи го градот. Низводно, нивото на водата расте во Оренбург, град со околу 550.000 жители. Врвот се очекува во Оренбург во среда. Проценките се дека ова се најголемите поплави во последните 70 години.

Лоши временски услови и во Франција, метеоролошките станици дадоа предупредувања низ Бретања. Забележливи беа силни ветрови во регионот предизвикани од бурата Пиерик.  Транспортот беше прекинат во делови на Нормандија и неколку региони во Франција беа ставени во портокалова тревога од Метео Франс. Огромни бранови удираа над морскиот ѕид во Сен Мало, Франција, поплавувајќи улици.