Loading Video...
Свет
23. May 2024 - 12:27

Преглед на вести од светот

Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе гласа за резолуција со која 11 јули ќе се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и ќе се осуди негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници. Нацрт-резолуцијата за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница е вклучена во дневниот ред на 82-от Пленарен состанок.

Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда, а ја спонзорираа уште 34 земји, вклучувајќи ги и земјите од Квинтата и сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на панел дискусија во седиштето на ОН во Њујорк, каде што зборуваа жртвите и сведоците на војната во Босна и Херцеговина, ги повика сите членки на Генералното собрание на ОН да не ја усвојуваат нацрт-резолуцијата за Сребреница.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја критикуваше намерата на Норвешка, Ирска и Шпанија да ја признаат независната палестинска држава.

„Намерата на неколку европски земји да ја признаат палестинската држава е награда за тероризмот“, рече Нетанјаху во средата.

Израелскиот премиер тврди дека 80 отсто од Палестинците на Западниот брег го поддржуваат масакрот извршен на 7-ми октомври во нападот без преседан во над седумдеценискиот палестинско-израелскиот конфликт со нападот врз воени бази, кибуци и градови во јужен Израел во кој беа убиени речиси 1.200 луѓе а уште 250 беа земени во заложништво во Газа.

Во меѓувреме израелската телевизија објави снимка од пет регрути облечени во пижами, киднапирани од вооружени лица на Хамас за време на нападот на 7 октомври што ја предизвика војната во Газа, пренесуваат медиумите во регионот. Хамас подоцна со соопштение рече дека видеото е „монтирано и не може да се потврди автентичноста на она што го содржи“.

Кина започна „казнени“ воени вежби околу Тајван што ги опиша како одговор на сепаратистички активности, додека државните медиуми го осудија новоизбраниот претседател на Тајван, Лаи Чинг-те. Вежбите, кои се одржуваат во Тајванскиот теснец и околу група острови контролирани од Тајван, доаѓаат три дена откако Лаи ја презеде функцијата, кого Пекинг го опиша како сепаратист.

Кина го осуди говорот на Лаи на инаугурацијата, во кој тој го повика Пекинг да запре со заканите и кажа дека двете страни во теснецот не се потчинети една на друга. Лаи кажа дека само граѓаните на Тајван можат да одлучат за својата иднина и ги отфрли кинеските тврдења за суверенитет.

Кина одржува големи воени вежби околу Тајван и во последните две години, па на Тајван сега нема знаци на паника.

Илјадници луѓе се собраа во иранскиот град Бирџанд за да учествуваат во погребната поворка на починатиот претседател на Иран Ебрахим Раиси.

Луѓето маршираат покрај возилото, а некои фрлаат цвеќиња.

Комеморацијата му претходи на погребот на претседателот во неговиот роден град Машхад , а присутни се околу 40 странски гости.