Православните верници го слават Богојавление-Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Како што изјави отец Благоја од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје годинава се пријавени околу 160 граѓани, кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.
Пријавувањето за учество на манифестацијата „Водици 2026“ беше од 3 до 16 јануари зад соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Митрополијата.
- Оние што се во ред со здравјето може да учествуваат на манифестацијата „Водици“. Има голем интерес и досега се пријавени околу 160 граѓани. Малолетници можат да учествуваат со дозвола од родител и со потврда од спортска медицина и ќе треба да присуствуваат со родител. Потребни се лична карта и потврда од спортска медицина, заверка на картоните на самиот ден - 19 јануари. Во 7:30 часот, секој што е запишан и има добиено картонче за учесник да дојде зад храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде ќе се стави печат на картоните и само така ќе бидат пропуштени од МВР покрај реката Вардар за да учествуваат во манифестацијата, рече отец Благоја. Посочи дека дел од учесниците постат и сакаат да се причестат пред спуштањето на светиот крст. Оној што прв ќе стигне до крст ќе биде соодветно награден од МПЦ.
Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.
По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде ќе почне „Водосветот“, а потоа околу 12 часот поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан ќе го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар.
Во Охрид централната богослужба ќе се одржува во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско. Богослужби ќе има и во црквите „Св. Никола- Геракомија“ од каде и потекнува и оваа традиција, „Св. Никола“ во Долна Влашка Мала и „Св. Ѓорѓија“ во Горна Влашка Мала. Во 9:45 часот литиите од сите цркви ќе тргнат кон Градското пристаниште каде што во 10 часот ќе се одржи голем Богојавленски водосвет и ќе се положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.
Оваа година првпат водите на Охридското Езеро ќе ги освети и во нив Чесниот крст ќе го положи новиот митрополит Дебарско-кичевски, владиката г. Георгиј. Најавено е присуство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.
МИА
Ново на Сител
-

Нови сведоштва за „Пулс“
-

МВР ги брои казните од Сејф сити, граѓаните велат се вози преспоро, други пак задоволни од системот
-

Девет лица и една фирма кривично ќе одговараат за проневери со ИПАРД фондовите
-

Македонски мозоци во Њујорк: Помеѓу врвната наука и контроверзните документи на Епстин
-

Мицкоски: Борбата со криминалот мора да заврши со одземање на незаконски стекнатиот имот
-

Спогодбата за минималец од 600 евра остана без потпис, Мицкоски на средба со УПОЗ во четврток
-

Родител не сакал децата да му учат со Ромчиња
-

Левица ќе поднесе два предлог закони за подобрување на работничките права
