Македонија
29. January 2016 - 17:43

Пожар зафати две викендици во охридското село Трпејца

Голем пожар попладнево избувнал во охридското село Трпејца, при што со пламен биле зафатени два објекти од викенд-населбата сместена на јужниот дел на селото. Пожарот е целосно изгаснат. 

Според информациите од командирот на територијалната противпожарна единица Спасе Прентоски, пожарот бил пријавен во 13:51 часот по што веднаш било интервенирано со три противпожарни возила и десет пожарникари.

Според последните информации, пожарот е целосно изгаснат, а навремената интервенција спречила проширување на пламенот на околните објекти. Во пожарот е уништен горниот кат на едната куќа, додека на другата куќа изгорела покривната конструкција.

Причините за избувнувањето на пожарот ќе се испитуваат дополнително.