Балкан
9. July 2015 - 14:54

Повеќе од 90 странски делегации, 2000 полицајци и 800 новинари ќе бидат в сабота во Сребреница

Повеќе од 90 странски делегации меѓу кои и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт, високиот претставник на ЕУ Федерика Могерини и премиерот на Турција Ахмет Давутоглу ќе присуствуваат в сабота на одбележување на 20 години од злосторството во Сребреница.

Претседателот на Организацискиот одбор и началник на општина Сребреница Ќамил Дураковиќ изјави за Танјуг дека свое присуство потврдиле прмеиерот на Србија како претседателите на Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија.

- Многу ни е важно регионот во вистинска смисла да биде присутен, изјави Дураковиќ.

Свое присуство потврдиле и јорданската кралица Нур, заменикот генерален секретар на ОН, Жан Мари Гено, министри за надворешни работи од голем број европски држави како и претставници од музејот на холокаустот во САД.

Дураковиќ вели дека на комеморацијата се очекуваат меѓу 50.000 и 70.000 граѓани. Повеќе од две илјади полицајци ќе се грижат за безбедноста, додека акредитирани се повеќе од 800 новинари. На комеморацијата ќе се обратат 16 официјални лица.