„Потестатизам“, дело што ја опишува моќта како предмет на психопатологијата

Во издание на „Паблишер“ излезе од печат книгата „Потестатизам“, прв дел од трилогијата „Философија на психопатологијата“, од стружанецот Калистрат Санџакоски, магистер по теолошки науки.
Книгата е философски труд, кој ја опишува моќта како предмет на психопатологијата. Структурата на делото е луцидна и до лудило оригинална. Изобилува со форми, стилистички фигури, литерарни пасажи и метафори, филозофски увиди и мистични созерцанија. Почнува со една пресуицидна фантазма и се нижат поглавјата за цивилизациските периоди, и дојденото време на денешната моќ како постигната цивилизација. Забележани се три поглавја со богат обрат кон уметноста како прва феноменологија на духот и имплицитна распределба на моќта.
Авторот Санџакоски за МИА појаснува дека книгата феноменолошки ја анализира морбидната моќ и нејзината во многу нешта спекулативна појава.
- Идејата за синтеза на фундаменталните категории – моќ по себе и ајантов комплекс - во „Потестатизам“, од мене бараше минуциозно истражување. Тоа влече корени од моето детство. На возраст од седум години уживав во читање на античкогрчките митови. Посебен, речиси волшебен впечаток врз мене остави содржината на трагичната судбина на Ајант. На тие години беше невозможно да претпоставам дека оваа површна и мистериозна воодушевеност од драматичната форма на катастрофата, ќе ме поттикне Ајантовата драма да ја вообличам во психопатолошки комплекс, раскажува Санџакоски.
Нагласи дека верува и оти има силни докази дека постојат разнообразни комплекси кои експлицитно потекнуваат од елинската митолошка традиција.
- На пример, Пол Рикер смета дека Едиповиот комплекс е само една вредност во многубројната фамилија на комплекси. Додека Карл Г. Јунг ја опишува универзалната конституција на комплексите, воочливо се забележува нејзината сродност со психопатологизираната ајантова драма. Пред некој ден го гледав филмот „12 мајмуни“. Во налудничавата перипетија на патување низ времето, таму е опишан комплексот на Касандра, втемелен во потсмешливата резигнација на пророштвото. Оттаму заклучив дека постепено членовите од фамилијата на комплекси се собираат во родниот крај на психопатологијата, појаснува авторот, во разговор за МИА.
Профсорот по философија Ристо Солунчев во рецензијата на вели дека големината на овој труд исходи од сета негова преизобилност на форми, стилистички фигури, литерарни пасажи и метафори, философски увиди и мистички созерцанија.
- Ова не е вообичаен трактат за моќта, каков сакате во стерилно-пуританско-еднострана смисла: историски, социолошки, политиколошки, културолошки или пак дури и психоаналитички. Делото на Санџакоски може да биде сето од набројаното, но и ништо од тоа. Токму ова го прави да биде чист философски трактат со исклучителна вредност за македонската философска продукција и културолошката наша опчинетост со слободата како таква, стои во рецензијата на Солунчев.
Според него, тезата на авторот е дека современата цивилизација на космополитски глобализам и постмодерен релативизам е целосна пролиферација на моќта како апстрактен апсолут и транскодификатор на социусот.
Ново на Сител
-

Поранешен командант на талибанците осуден во САД на 42 години затвор
-

Аргентина го победи Исланд, Меси постигна гол
-

Пилот на Ер Канада со години управувал авиони со фалсификувана лиценца
-

ЕУ: Мај 2026 година беше вториот најтопол месец мај во историјата на мерењата
-

СП 2026: Во Мексико 117.000 луѓе поминале обука за добредојде на туристите
-

Приведени пет турски државјани во Скопје поради нерегулиран престој
-

Под седиштата и во фабричка шуплина на автобус шверцувале пури во вредност од 4.000 евра
-

Девизните резерви 5,21 милијарда евра
