Македонија
14. December 2016 - 8:41

Поставка „Енформелска лабораторија 4/Сеќавања“ од Родољуб Анастасов

Поставката „Енформелска лабораторија 4/Сеќавања“ на уметникот Родољуб Анастасов вечер ќе биде отворена  во Музејот на Град Скопје. 

Циклусот „Енформелска лабораторија“, кој беше почнат пред три години, сега продолжува со презентација на дела кои досега не биле изложувани во галеријата во Музејот на Град Скопје. 

Ќе бидат експонирани четириесет цртежи создадени во периодот од 1959 до 1965 година. Во најголем број тоа се цртежи, графики и акварели од сите фази на уметникот. Нивната ликовна вредност е несомнена, особено ако се има предвид дека тие активно партиципираат во формирањето на македонската современа ликовна уметност. Дел од нив се изложувани и инцидентно се репродуцирани, но голем дел се реално непознати и непубликувани.

Особеност на годинашниот проект, кој го носи поднасловот „Сеќавања“ е разговорот со Анастасов за периодот од 1959 – 1966 година, кој е објавен во каталогот.  Делови од овој разговор ќе бидат прочитани на отворањето на изложбата. 

Од мај 2012 година во рамки на Музејот на Град Скопје е отворена „Галеријата Јустина и Родољуб Анастасов“. Нејзиното формирање беше овзоможено со донација од 346 дела, кои Анастасов ги подари на Музејот.