Македонија
14. May 2016 - 9:55

Портрет на Стојан Тарапуза на Македонска книжева визита во Софија

Во рамки на 9. Македонска книжевна визта која почна синоќа во Софија, денеска пред бугарската книжевна публика во македонскиот Културно-информативен центар ќе биде претставен портретот на доајенот на македонската литература за деца Стојан Тарапуза.

За неговото творештво ќе зборува проф. д-р Кристина Николовска.

Попладне ќе биде доделена и наградата „Македонски книжевен Дедал“ за творечки дигнитет и за придонес во афирмацијата на македонската литература во Бугарија, како и за зближувањето на македонските и бугарските писатели. Годинашен носител на ова признание е бугарскиот писател, есеист и издавач Иван Гранитски. 

На завршниот ден учесниците на манифестацијата ќе имаат официјален прием во Сојузот на бугарските писатели и ќе му оддадат почит на еден од основоположниците на современата македонска литература Венко Марковски.

Годинава визитата во Софија носи 11 македонски поети од сите генерации. Поетската делегација ја сочинваат Веле Смилески со чиј портрет беше отворена книжевната визита, Раде Силјан, Бранко Цветкоски, Санде Стојчски, Стојан Тарапуза, Весна Ацевска, Кристина Николовска, Илија Велев, Борче Панов, Диме Ратајковски и Иван Антонов.

„Деветта македонска книжевна визита“ почна синоќа со книжевниот портрет на современиот македонски поет Веле Смилевски, за чие творештво говореа Санде Стојчевски и Бранко Цветкоски, а истата вечер се одржа и Вечер на современата македонска поезија со настап на учесниците на визитата.

Манифестацијата ја отвори директорот на македоснкиот КИЦ Васко Шутаров кој истакна дека Македонската книжевна визита е една од најпрестижните манифестации која ја организираат заедно со издавачката куќа „Макавеј“.

- Направени се дестици литературни портрети на сите наши македонски најзначајни поети, остварени се безброј соработки и контакти меѓу книжевната фела од нашите два блиски литератури, иницирани и направени се многу преводи,многу изданија, многу добри реалации меѓу писателите од нашите две земји и тоа е една од заслугите на оваа книжевна визита, рече Шутаров.

Владимир Цветкоски од книгоиздателството „Макавеј“ посочи дека оваа манифестација која почна како афирмациа на македонската литература и култура во странство, придонесе за зближување на авторите од двете земји.

Еден од најдрагоцените придонеси според „Макавеј“, организаторот на Македонската книжевна визита во Софија, е откривањето, поттикнувањето и афирмацијата на нови преведувачи на македонската литература во Бугарија. Проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.