Македонија
24. December 2018 - 14:02

Поцков: Реализација на повеќе инфраструктурни проекти во 2019 година во Гевгелија

Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, на денешниот брифинг со новинарите најави реализирање на неколку значајни проекти во 2019 година со кои општината ќе биде ангажирана во настојувањата да им обезбеди поквалитетни услови за живот на своите граѓани.

Во текот на 2019 година гевгелискиот градоначалник го најави почетокот на изградбата на стационарот за бездомни животни во околината на Негорци, пробивањето на Западниот булевар со кој ќе се заокружи обиколницата на градот, поврзување на Негорци, Прдејци и Богородица со новиот водоснабдителен систем, изградба на 14 училници кои ќе обезбедат услови за едносменско работење во средното училиште во Гевгелија и заедничка изградба со општина Богданци на локалниот пат Богородица-Стојаково-раскрсница кај бензинска пумпа Шимов паралелно со почетокот на изградбата на екпресниот регионален пат од раскрсницата кај Фурка преку Богданци до Гевгелија.

Поцков најави дека ќе се решава сообраќајниот метеж во централното градско подрачје за што веќе е изготвен проект од претходната локална власт за обезбедување паркинг простор.

– Околу овој проект ни останува само добро да го промислиме уште начинот на плаќање затоа што половина од паркираните автомобили во Гевгелија се со грчки регистарски таблички така што плаќањето преку јавување со телефон не е функционално. Веројатно тоа ќе го решиме со купување картички за паркирање од страна на возачите, рече Поцков.

Наш приоритет, рече Поцков, ќе биде и лесниот пристап до дел од 80 милиони евра што Министерството за транспорт и врски им ги стави на користење на локалните самоуправи за реализација на инфраструктурни проекти.

– Со вработените во секторот за урбанизам веќе почнавме да градиме стратегија како побрзо да дојдеме до дел од парите што ни стојат на располагање и се договоривме веднаш да подготвиме и приложиме проекти за изградба на локални патишта, канализацики и водоснабдителни системи по населените места што инаку е обврска на локалната самоуправа, нагласи Поцков.