Балкан
13. December 2023 - 9:04

Почнува расправата во грчкиот Парламент за буџетот за 2024 година

Во грчкиот Парламент денеска почнува петдневната расправа за државниот буџет за 2024 година, а гласањето е закажано за в недела, кое традиционално, секоја година се смета како глас за доверба на актуелната Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Буџетот доби зелено светло од надлежната комисија, а меѓу другото предвидува мерки за поддршка на граѓаните, раст на економијата од 2,9 отсто, намалување на инфлацијата на 2,6 проценти и намалување на невработеноста на 10,6 проценти.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис, откако го достави буџетот до претседателот на Парламентот минатиот месец рече дека вклучува зголемување на средствата наменети за здравството и образованието, но и трајни даночни олеснувања на седум различни начини, а паралелно, целта на Владата за 2024 година е дополнително намалување на затајувањата на данок.

-Владата се стреми во 2024 година да спроведе суштинска општествена политика. Во оваа насока ќе има зголемување на платите на државните службеници по 14 години, ново покачување на пензиите, зголемување на износот ослободен од данок за семејствата со деца, како и зголемување на надоместоците за инвалидитет и додатокот за социјална солидарност, рече тогаш Хаѕидакис.

Гласањето на буџетот е предвидено за недела, најдоцна до полноќ, а ќе му претходат говори на лидерите на партиите и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.