Почна изградба на нова училишна зграда на ОУ „Невена Георгиева Дуња“

Во општина Кисела Вода денеска почна изградба на ново училиште лоцирано до објектот на постојното ОУ „Невена Георгиева Дуња“. Новата училишна зграда ќе биде со површина од 1.220 метри квадратни, а инвестицијата вредна 75 милиони денари е на Министерството за образование и наука.
На поставувањето камен темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот и заменик-министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски и раководството на Општината.
Премиерот Груевски истакна дека денешниот ден - почетокот на учебната година е одлична симболика да се означи стартот на нов проект во Кисела Вода и изградба на уште едно ново училиште во РМ. Наставата во ОУ „Невена Георгиева Дуња“, укажа Груевски, повеќе од 50 години се изведува во стари монтажни објекти.
- Новото училиште ќе значи комплетно нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар. Просторот ќе биде поголем, ќе има подобра изолација бидејќи ќе биде објект од тврда градба со целосно нова опрема, нови училници, нови кабинети, машинско одделение, работилница, магацин и се што значи комплетно ново училиште, рече Груевски.
Новото училиште, како што најави, треба да биде готово за 16 месеци, односно до крајот на 2016 година. Со оваа инвестиција ќе се добие ново и современо училиште на два ката со вкупен капацитет од 600 деца во две смени.
Министерот Адеми потенцира дека над 500 ученици од прво до деветто одделение ќе добијат нов современ објект. Паралелно со изградбата наставата ќе се одвива непречено во останатите два објекта на истата локација. Во тек на летниот период, како што информира Адеми, над 40 училишни објекти низ цела Македонија беа обновени.
Ново на Сител
-

Партиски конгрес на ДУИ - Ахмети реизбран за претседател
-

Родителите на починатите во „Пулс“ бараат проширување на истрагата
-

Тема на денот со Тамара Котеска, режисерка на „Приказната за Силјан“
-

Пиротехниката не е забава, СВР Струмица и Црвениот крст апелираат за безбедни празници
-

Конгрес на ДУИ
-

Анкета на ИПИС: ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во убедливо водство
-

Обвинение за пратеникот Јанчев кој учествуваше во сообраќајка во која загина тинејџер
-

Во Скопје не се дише, на Детска клиника по пет регистрирани случаи на грип неделно
