Македонија
12. March 2026 - 19:02

По скоро две децении запуштеност, започна реконструкцијата на салата при УКИМ

Наместо спорт и студенти – со години прашина, отпад и запуштеност. По речиси две децении, салата при УКИМ ќе види светли денови, барем така ветија властите. Министерот за спорт, ректоратот и претставници на УСС денеска го означија почетокот на обновата на објектот кој долго време стоеше надвор од употреба, неупотреблив и без сопственик. Ристовски најави дека салата ќе биде пуштена во употреба до крајот на оваа година.  

„Најпрво салата што била во тоа време нема машинство, апсолутно никакво машинство, ниту ладење, ниту греење. Така да, ќе го направиме тој дел комплетно санација на внатрешниот дел, комплетна санација на надворешниот дел. Од ова што го гледате ќе остане само постоечкиот под“, изјави министерот за спорт Борко Ристовски.    

Првиот договор за салата е направен во 2007 година, проектот со години беше проследен со проблеми од административни дозволи до изведување на градени работи. Во 2017 година, изградбата ги чинеше  граѓаните 2,5 милиони евра, но во објектот никогаш не беше одигран ниту еден натпревар.  

Во меѓувреме, салата со години стоеше запуштена и оставена без надзор. Дел од инсталацијатрта е украдена, прекинувачи, штекери и клими, а внатрешноста е сериозно оштетена. Денеска објектот има пукнати ѕидови, урнати кошови и искршени прозорци, додека машките и женските соблекувални се претворени во плодна почва за пикавци. 

Во изминатите година ипол институциите работеа на решавање на правниот статус на салата, која конечно премина во сопственост на универзитетот. Паралелно беше изработен и нов проект, како и ревизија за обновување на градежната дозвола, која беше истечена пред повеќе од една декада. 

При упис, секој бруцош на УКИМ плаќа такса за спорт и спортски активности, но тешко се гледаат конкретни придобивки од тие средства од прашината, која и денеска им пречеше на присутните во салата. 

„Иксата, тоа е таксата што ја плаќаат студентите во подолг временски период, формира посебен фонд на универзитетот, го викаме фондови Икса коишто се наменети за повеќе намени. Според Правилникот средствата се распоредуваат во посебна програма. Еден дел од тие средства оди за спортски културни активности и други манифестации. Еден значаен дел оди за програмата која ја реализира УСС, еден дел од тие средства за комуникациски центар, еден дел оди за студенти со посебни потреби“, изјави ректорката при УКИМ проф. д-р Билјана Ангелова. 

За реконструкција на салата, Министерството за спорт одвојува 54 милиони денари. Овој објект дели слична судбина со двете згради при кампусот на УКИМ, кои беа оставени на забот на времето. Неодамна беше одлучено дека ќе се доградат и ќе припаднат на студентите на ФИНКИ.  Доттогаш и понатаму ќе собираат солидна километража на дневни чекори, бидејќи се принудени да следат предавања во различни факултетски простории, бидејќи немаат свои.