Македонија
10. July 2015 - 20:33

По една година подготвен извештајот за хеликоптерската несреќа во Струмица

Завршниот извештај за страпотната хеликоптерска несреќа која се случи точно пред една година кај Струмица, а во која која животот го загубија четворица пилоти на МВР е готов, но детали за причините засега не се соопштуваат.  Од Јавното обвинителство на Република Македонија во писмената информација велат дека во овој момент сеуште не може да се говори ниту за кривична одговорност на физичко или правно лице.

Обвинителството информираше  дека станува збор за документ во кој на 68 страни сублимирано се дадени наодите и информациите констатирани од Комисијата која ја водеше истрагата.

Во тек било доставување на материјалите и извештаите, вештачењата кои се побарани од страна на надлежен јавен обвинител и кои биле ценети од страна на Комисијата за која потенцираат дека ги испитувала причините за несреќата без притоа да ја утврдува вината за случениот трагичен настан.

-Јавно обвинителската истрага за урнатиот полициски хеликоптер продолжува натаму и интензивно се врши во надлежното обвинителство. Станува збор за обемен материјал и бројни извештаи, наоди, податоци кои треба да се приберат, да се разгледаат и анализираат и потоа да се дадат на вештачење. Јавното обвинителство потенцира дека во следниот период по целосното прибирање на  материјалот побаран со наредба и негова анализа, а по добиениот наод и мислење на вешто стручно лице, ќе се донесе јавно обвинителска одлука за тоа дали постои, каде и кај кого евентуална лична кривична одговорност за падот на хеликоптерот, стои во писмената информација на Јавното обвинителство

Хеликоптерската несрќа во која загинаа пилотите на МВР  Драги Мицев, , Маријан Трајковиќ, Тоде Орешков, и Илјо Лопатички, се случи минатата година на 10 јули  во близина на кванташкиот пазар кај Струмица за време на ноќен тренажен лет.

Полицискиот МИ – 17 летал на релација Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно. Според информациите кои беа објавени по несреќата леталото удрило во 120 метарски столб на македонската радиодифузија по што се срушило и експлодирало.

Пилотите претходно не пријавиле никаков проблем со леталото. Во чест и вечен помен на  четворицата пилоти на МВР денеска во аеродромската база ,, Брест,,  во Петровец беше откриено спомен обележје.