Македонија
5. January 2026 - 19:45

По 13-ти пат во Крушево се одржа уникатна манифестација „Дева“ со која се најавува Христовото раѓање

По 13-ти пат во Крушево во организација на СОУ „Наум Наумоски – Борче“ се одржа уникатната манифестација „Дева“ со која што се најавува Христовото раѓање. Куриозитет е тоа што освен во Крушево оваа манифестација стара со векови на ваков начин се одржува уште само единствено во Витлеем, во Израел.

„Се организиравме, еве хорот во позадина тука е, дечињата од хорот пеат верски песни. Бидејќи сме угостителско училиште, нашата угостителска струка се погрижи да спреми топло винце и чајче, имаме топла трпеза, секој од нив се потрудил на најдобар можен начин со посни јадења да не поддржи, така да туристите и посетителите тука да можат да се загреат и да поткаснат нешто“, изјави Зорица Кузманоска, организатор на настанот.

„Заедно со хорот, бидејќи сум член во хорот, традиционално учествуваме на овој настан и го збогатуваме“, рече Ивана Колчакоска, дел од учесниците на настанот.

Во манифестацијата „Дева“ учествуваат исклучиво млади момчиња, кои ја носат црвената Давидова ѕвезда шетаат низ Крушевските улици и ја пејат песната „Дево Дејане“, одат од куќа на куќа, а домаќините ги даруваат со пари. Тие пари ќе бидат донирани на првото дете кое ќе се роди во Крушево по оваа манифестација.

Од црквата велат дека тука имаме спој на црковните и народните обичаи и преданија.

„Вчера имавме театарска претстава зад платно со сенки, многу добра, денес е Дева, утре ќе ни дојдат Бадниковите поворки и сето тоа е убаво, сето тоа е предпразненство на Христовото раѓање, но мора да го разбереме дека сето тоа мора да биде второстепено, првостепено ни е богослужбата, односно раѓањето Христово онаму каде што доликува, а тоа е во храмовите божји. Затоа ги повикувам верниците што повеќе и што помасовно да ги посетуваат црквите божји“, Отец Тони Кузмановски, свештеник од Крушево.

Настанот „Дева“ полека но сигурно стана уште еден од низата препознатливи брендови за Крушево кој привлекува посетители од сите околни градови.