Плакета за министерката Канческа-Милевска од Турски театар-Скопје
По повод 65 години постоење на Турскиот театар-Скопје, членови на ансамблот и директорот Атила Клинче денеска имаа средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Разговараа за активностите на оваа национална установа за која се гради нов, современ објект каде што во иднина ќе ги создава и изведува своите претстави.
Задоволни од соработката со Министерството за култура, тие и доделија на министерката Канческа-Милевска Плакета на благодарност, за поддршката за развој на нивниот театар - инфраструктурна и кадровска, со оглед дека во последните неколку години ансамблот е подмладен со нови вработувања.
Плакетата на Канческа-Милевска и ја врачи доајенот на Турскиот театар Салаетин Билал, кој покрај на матичната сцена, има улоги и во голем број македонски играни филмови.
Билал истакна дека поводот за Плакетата е извонредната соработка меѓу Турскиот театар и Министерството за култура и, како што рече, за имањето разбирање за културата од ресорниот министер.
- Културата порано беше оставена во заден план. Во последните години тоа не е случај. Мене ми е особено драго што се прават напори да се помогне, не само на Турскиот театар, туку општо на театарот во Македонија, во инфраструктурата и во сите други области, рече Билал.
Министерката Канческа-Милевска посочи дека и во иднина ќе се поддржува работата на овој театар кој, како што рече, е единствениот на Балканот и во Европа кој повеќе од половина век делува надвор од границите на матичната држава.
- Јубилејот од 65 години постоење на Турскиот театар не обврзува да продолжиме постојано да вложуваме во растежот на овој еминентен ансамбл, во унапредувањето на условите во кој дејствува и во таа смисла новиот современ објект во кој ќе делува овој театар, ќе биде материјализација на сонот на бројните актери од сите генерации кои го градеа кредибилитетот на оваа национална установа. Новата театарска зграда, која интензивно се гради, ќе овозможи богата и разновидна театарска програма, рече Канческа-Милевска.
Турскиот театар сега има 33 вработени, од кои 19 се актери. Директорот Атила Клинче рече дека покрај годишните проекти кои им ги одобрува Министерството за култура, имаат и 15 нови вработувања
- Тоа е значителен број, така што Турскиот театар многу безболно го помина тој преоден период на генерациска смена. Со пензионирањето на нашите актери, веднаш се вклопија млади актери кои дипломираа на Факултетот за драмски уметности. Имаме ансамбл кој од година во година прераснува во голем и извонреден, рече Клинче.
Соопшти дека годишнината ја одбележуваат од јануари, кога премиерно ја изведоа „Сон на летната ноќ“, а во текот на годинава Турски театар ги имаше и премиерите „Прометеј“ и „Слуга на двајца господари“ (на „Охридско лето“). За 22 декември театарот подготвува нова премиера - „Генерална проба за самоубиство“ од Душан Ковачевиќ во режија на Билге Емин. До крајот на годинава ќе биде промовирана и монографија за континуираниот развој на театарот во изминатите шест и пол децении.
Турскиот театар е формиран на 9 јули 1950 и прва премиера му била „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Абдуш Хусеин. До неодамна сцената ја делеше со Албанскиот театар-Скопје во заедничка зграда, која по темелна реконструкција ќе биде објект на Албанскиот театар. Новиот објект на Турскиот театар, пак, се гради во близина на Железничката станица, на површина од 2.600 метри квадратни. Додека траат градежните работи за новите објекти на двата театра, нивните ансамбли своите претстави ги изведуваат во театар „Комедија“. Турскиот театар пред четири години доби и Орден за заслуги за Македонија од Претседателот на Република Македонија.
Ново на Сител
-
Во Појасот Газа за еден ден загинаа најмалку 60 луѓе, а 284 се повредени
-
Коњановски ја посети локацијата каде падна кран на градежен објект во Битола
-
ОЈО поведе постапка против скопјанец за семејно насилство кон партнерката и нејзината мајка
-
Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше со литургијата во Стоби по повод 1700 од Првиот вселенски собор
-
Падна кран во Битола
-
ОЈО бара Арсовска да им презентира докази
-
Македонски тим од неврохирурзи и невролози добитници на 2-ра награда на Меѓународниот конгрес по невронаука | ФОТО
-
Приведен 42-годишник од Тетово, управувал со возило под дејство на алкохол