Свет
16. August 2016 - 12:06

Петмина цивили убиени во антииндиските протести во Кашмир

Петмина цивили се убиени, а 31 повреден во денешните протести во Кашмир, во делот од големата област што е под контрола на Индија, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на полицијата.

Стотици луѓе демонстрираа против индиската власт во оваа хималајска област. Дел од нив со камења ги гаѓаа индиските војници, кои возвратија со боева муниција и сачми.

Во последните, приближно, шест недели ситуацијата во Кашмир е исклучително напната, откако индиските безбедносни сили убија популарен бунтовнички лидер, забележуваат американските медиуми.

Во последните протести во оваа област загинаа 64 лица, меѓу кои и двајца полицајци.

Кашмир е поделен меѓу Индија и Пакистан, а двете земји претендираат на целата област, потсетуваат светските агенции. 

Во делот од Кашмир, што е под контрола на Индија, има силно антииндиско расположение, бидејќи во него поголемиот дел од жителите се муслимани. Повеќето од нив се залагаат за независност на областа или за приклучување кон Пакистан.