Пендаровски: Од независноста не сме имале подолг период на мирен развој на државата
Еден поглед врз целиот период од нашата независност до денес ќе покаже дека, за жал, во овие триесет и една година, не сме имале подолг период на мирен развој на државата, рече денеска претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање во Парламентот.
Пендаровски истакна дека мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата.
– Од катастрофалните ефекти на приватизацијата, ембаргата и санкциите во 1990-тите, преку конфликтот во 2001-та, светската финансиска криза во 2008/2009-та, длабоката внатрешна политичка криза која заврши со упадот во Собранието и од која сѐ уште ги лечиме раните, и на крајот, пандемијата и војната во Украина, мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата, нагласи Пендаровски.
Дел од овие циклични кризи, како што посочи, во континуитет беа предизвикани од екстерни фактори врз кои ние имавме мало или никакво влијание – распадот на Југославија, геополитичките тензии, финансиските, економските и здравствените кризи – регионални и глобални потреси кои повеќе или помалку го забавуваа прогресот на сите држави, независно од нивната големина и моќ.
– Меѓутоа, генерално, за неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент не се задоволни, реално, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па сѐ до нас, денес, кои сме на чело на институциите на централно и локално ниво. Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност, потенцира претседателот.
Во таков амбиент, додаде тој, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност.
– Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите. Политичките и физичките блокади кои ги гледаме во главниот град во изминативе месеци, сигурно нема да бидат последни, рече Пендаровски.
Претседателот во својот говор прво се осврна на војната во Украина, потенцирајќи дека агресијата на Русија врз Украина ги наруши пазарите за храна и енергија во светот, но, пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот.
– Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион – веќе имаме украински бегалци, имаме руски државјани и фирми формирани од нив, регистрираме зголемен интензитет на кибер напади, а свој потенцијал имаат и старите, добро познати фрагилни точки во регионот: северот на Република Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии, рече Пендаровски.
Ново на Сител
-

Украина соопшти дека неутрализирала 203 од 236 дронови што Русија ги користела за напад во текот на ноќта
-

Гутереш го осуди нападот во кој беше убиен француски мировник на ОН во Либан
-

Украинската служба за безбедност го класифицира масовното убиство во Киев како „терористички напад“
-

Пожар кај Арбанашко, Старо Нагоричане изгореа сува трева, смрека и дабова шума
-

Дарио Ивановски второ место на маратонот во Белград
-

Мицкоски: Македонија меѓу трите европски држави со најобемни мерки против ценовните шокови, следи поевтинување на горивата
-

МВР: Лажни се дојавите за бомби во трговските центри Ист гејт и Дајмонд
-

Полицијата проверува дали има експлозивни направи во трговските центри Ист гејт и Дајмонд
