Пчеларите од Кочанско позадоволни од приносите на мед во споредба со лани
Шест до седум килограми мед по кошница во просек добија годинава пчеларите од кочанскиот регион, со што оценуваат дека сезоната е многу подобра во споредба со лани. Со остварените приноси ќе се задоволи побарувачката на домашникот пазар, а со цената од 400 денари, што ја сметаат за прифатлива за купувачите, ќе можат да се покријат поголем дел од производните трошоци.
На дводневната манифестација Денови на медот, што во организација на еколошкото пчеларско здружение „Златна кошница“ денеска беше отворена во градскиот парк во Кочани, изложени се осоговски, малешевски, плачковички мед и пчелни производи од другите региони во државата.
– Главна цел ни е да го збогатуваме и усовршуваме производството на мед, да ги надградуваме сознанијата кај луѓето за користа од медот и да научиме како да ја чуваме природата. Во манифестацијата вклучуваме различни генерации, со цел пчелните производи да бидат достапни за сите, затоа што славејќи го медот, го славиме трудот, организираноста, заедништвото и здравјето, истакна Тони Димитров, претседател на здружението „Златна кошница“.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, ги истакна активностите на општината за прогласување на Осоговските Планини како заштитено подрачје со можноста едновремено да се работи на зачувување на природата, но и на создавање брендирани производи, меѓу кои е осоговскиот мед.
Пчеларите од кочанскиот регион се задоволни што имаат гарантиран пласман и откуп на произведените количини мед што е со одличен квалитет, иако цените се далеку пониски во однос со оние на пазарот во европските држави. /МИА
Ново на Сител
-

Беровскиот компир скапува во подрумите, земјоделците најавуваат протести
-

Мис Стон добива спомен соба во Василево, а патеката по која се движела ќе привлекува туристи
-

Преглед на вестите од светот
-

Продолжуваат тензиите на Блискиот Исток: Каква е безбедносната закана за Македонија?
-

Започна судењето на 75 годишниот Денис Асанов, обвинет за свирепо убиство во Штип
-

Поттикнат од бугарски државјанин, скопјанец ширел омраза на ФБ кон македонската држава
-

Тема на денот со Горан Марковиќ, извршен директор на Македонски Телеком
-

Во Министерството за политички систем се земало плата, а не се одело на работа

