Папата Лав XIV ја започнува најдолгата посета на Африка во својот понтификат

Папата Лав XIV денеска ја започнува 11-дневната турнеја низ четири африкански држави – Алжир, Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја – што претставува најдолго патување во неговиот понтификат, кој започна пред помалку од една година.
Ниту еден папа досега не го посетил Алжир, земја со околу 9.000 католици во претежно муслиманското население од речиси 47 милиони жители. Алжир има посебно значење за Лав XIV, бидејќи во овој регион во 4 век е роден Свети Августин. Папата речиси 50 години е член на Редот на Свети Августин, а од 2001 до 2013 година бил и негов поглавар.
Во вторник, папата ќе ја посети Анаба, некогашниот Хипо, каде што Августин служел како епископ. Од Алжир, Лав XIV ќе отпатува за Камерун (среда–сабота), потоа во Ангола, каде што ќе престојува до 21 април, а турнејата ќе ја заврши со посета на Екваторска Гвинеја до 23 април.
Се очекува миграцијата од Африка кон Европа да биде една од главните теми на посетата, како што ќе биде случај и при неговото патување во Шпанија во јуни, каде што голем број африкански мигранти пристигнуваат по морски пат.
Првото патување на Лав XIV по неговиот избор за папа во мај минатата година беше во Турција и Либан, а во март годинава го посети и Монако.
Африка е значајна дестинација за поглаварите на Римокатоличката црква – на континентот живеат околу 290 милиони католици, односно 20,3 отсто од светската католичка популација, и тоа е еден од регионите каде што Црквата бележи најбрз раст. Јован Павле Втори ја посетил Африка 15 пати, додека Франциск престојувал таму петпати.
Ново на Сител
-

Славески: Подготвени сме да одговориме на ризиците и да ја зачуваме финансиската стабилност
-

Мицкоски: Никогаш нема да поддржам повеќејазичност во правосудството
-

Унгарската „Електробус - Икарус" и австриската ЕВН ги исполниле условите за набавка на автобуси и полначи
-

Масар Омерагиќ на Конгрес на FIFA во Ванкувер
-

Спремни за спектакл: Македонските кикбоксери јуришаат на „ВАКО Европскиот куп Вараждин Опен 26“
-

Полицаец од Битола возел со 1,51 промили алкохол во крвта и направил сообраќајка
-

Димитровски: Бугарите ќе станат дел од Уставот во оној момент кога од другата страна ќе видиме подадена рака по неколку основи
-

ЈСП Скопје: Претстојниов продолжен викенд автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред
