Македонија
6. May 2017 - 14:28

Панел диксусија на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска наместо протестен марш организираше панел дискусија за наредите во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава. 

На панел дискусијата се обратија Богдан Илиевски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и професорите Иванка Додовска и Александар Даштевски.

- Денешната средба, односно 69 ден од почетокот на протестните маршеви на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ ја замисливме да биде секција на сите случувањата од Собранието, кои може да ги толкуваме и како директна провокација за оние највжештени глави од народот пред Собрание да го иницираат оној чин што се случи на 27 април, истакна Илиевски.

Ситуацијата, како што рече, ескалираше со т.н. избор на претседател на Собранието, избор којшто е вон сите процедури, кој се коси на Уставот, Законот за Собрание, со Деловникот за работа.

Професорката Додовска се осврна на работата на претседателот Иванов и на неговата, како што рече, стратешка мудрост, која Република Македонија ја издигна на едно завидно ниво. Направи ретроспектива на политичката криза и се задржа на протестите на македонските граѓани кои, како што рече, се против тиранската платформа. 

Зборувајќи за нередите во Собранието, нагласи дека на 27 април во Законодавниот дом се случила најголемата државна навреда која може да му се случи на еден народ и една држава, а тоа е пеењето на албанската национална химна во срцето на Македонија.

- Во 18 часот претседавачот со Собарнието на Република Македонија, се уште актуелниот претседавач Трајко Велјановски ја затвори седницата. Во тој момент завршуваат сите активности за тој ден во однос на предвидената точка на дневен ред. Но, тие вон процедура, противзаконски, противуставно, без доволен број на пратеници, чинам 58 или 59 пратеника се собраа, ударнички, насилно и го направија големото злосторство против Република Македонија. Во држава каде сериозно владеат Устав и Закон, тоа е кривично дело со доживотна казна затвор за сите учесници во тој криминал, истакна Додовска.

Кога ќе го земеме тоа предвид, како што рече, тогаш ќе можеме да ги разбереме, но не да оправдаме дел од граѓаните, кои изгубија контрола над себе, решија дека ќе заборават на своите семејстава и лично ќе се пресметаат со овие злосторници. Според неа, Талат Џафери е обичен пратеник и ништо повеќе.

Додовска нагласи дека ја сака Македонија цела, сака мир, просперитет, мирен и пристоен живот, а решението е да се стои црврсто на нозе, правна битка и да не се дозволуваат преседани. 

Професорот Даштевски потенцира дека се работи за сценарио кое трае интензивно три години. Се е организирано од 2008 година бидејќи, како што рече, СЈО е формирано за периодот од 2008 до 2014 година кога траело прислушкувањето. 

Посочи дека изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е нелегален затоа што меѓу другото е прекршен и политичкиот систем, а без политички систем не може да функционира ниедна држава во светот.