Македонија
9. April 2026 - 21:07

Пациентите со дијабетес алармираат за недостиг од терапија и сензори

Со месеци наназад, илјадници дијабетичари во земјава се соочуваат со сериозен недостиг на основната антидијабетна терапија, а проблемот дополнително се продлабочува со недостигот на ленти за мерење на шеќерот во крвта. Наместо редовна контрола и стабилна состојба, пациентите велат се соочуваат со отежнат пристап до терапијата и потребните помагала.

Што се случува со терапијата и зошто пациентите со месеци предупредуваат дека тешко доаѓаат до неопходните лекови? Додека на терен се зборува за недостиг, институциите уверуваат дека ситуацијата е под контрола. Од Министерството за здравство тврдат дека антидијабетната терапија е достапна во сите инсулински аптеки, а постапката за набавка на сензори, како што велат, е во тек.

„Од минатиот месец во сите инсулински аптеки, доставени се најсовремени глукометри и ленти за мерење гликемија. Во однос на сензорите за континуирано следење на гликемија, во тек е јавна набавка на истите и обезбедена е дополнителна количина за 150 пациенти, односно од досегашните 650 пациенти, по завршување на јавната набавка сензорите преку програмата ќе бидат достапни за 800 пациенти. Согласно законските процедури за јавната набавка во моментот течат административните рокови за жалба“.

Недостигот на лекови и глукомери за дијабетичарите е проблем што се повторува со години, а пациентите предупредуваат дека вакви ситуации се јавуваат речиси на секои две години. Од Фондот за здравство најавуваат дека од следната година треба да се воведат референтни цени во аптеките, со што пациентите би можеле самостојно да ја подигнуваат терапијата и потребната опрема.