Македонија
2. July 2025 - 19:44

Отворено прашањето за етничката застапеност

Резидентно или нерезидентно население? Која ставка ќе се земе предвид за етничките вработувања со новиот Закон за правична застапеност. Министерот Минчев вели дека ова прашање допрва ќе се договара.

- Тоа е предмет на одлука. Ако ме прашате мене како министер за администрација – тоа се однесува на резидентното население. Тоа што живее тука, вели Минчев.

Предлог-законот е испратен до Венецијанската комисија и засега во јавноста нема информации како Владата планира да ја замени алатката „Балансер“. Предлогот ќе стане достапен дури откако ќе се произнесе Венецијанската комисија, што досега беше повод за остри реакции од опозицискиот албански блок.

Реформските закони кои влегоа во законска процедура Минчев очекува да бидат донесени за една недела отсега. Со нив, според Минчев, ќе се подигнат критериумите за идните вработувања на државно. 

Новите дисциплински правила, односно воведувањето на оценување, казнување и наградување на службениците, треба да ги натераат оние кои „клатат врата и земаат плата“ конечно да почнат да работат. Според Минчев, такви се околу половина во јавниот сектор, а околу 20% од вработените ја извршуваат целата работа. 

Прашан дали новите дисциплински правила ќе значат и прв чекор до оптимизација на администрацијата Минчев вели дека такво нешто треба добро да се осмисли. 

- Ако овие коишто не работат ги вратиме во процесот може да го надополниме досегашниот дефицит кој го имаме во одредени институции. Ние се соочуваме, поради висината на платата, за која мораме да кажеме дека е несоодветна и мала, да немаме интерес на вработување на млади луѓе во јавната администрација, вели Минчев.

Минчев кој денеска даде отчет за сработеното во една година е задоволен од работата на Министерството за администрација. Најави крај на партиските вработувања и нова култура на управувањето со државата.