Македонија
8. May 2026 - 21:51

Отворен иновативниот парк N99 Deep Tech Park

Македонија го добива новиот иновативен парк N99, место каде под еден кров ќе се спојат технологијата и иновацијата. Целта на овој парк е поттикнување на нова технолошка револуција фокусирајќи се на вештачката интелигенција и длабоката технологија. Според основачите, паркот е замислен како синергија меѓу научно-технолошките знаења и стартап компаниите. 

- Под еден кров сакаме да примениме еден нов екосистем, и еден нов економски модел каде ги повикуваме сите да креираат дома и да продаваме во странство. N99 технологии соработува со преку 43 земји глобално, работиме на доста пазари и ова ќе биде една можност за сите талентирани и за искусните сениори, истражувачи, вели основачот на N99, Сефер Цаноски.

Поделен на 4 сектори, паркот треба да ги обедини студентите, претприемачите и државните институции, овде ќе се надоградуваат, учат и создаваат. Во паркот е сместен и првиот хуманоиден робот Алшар, кој ќе биде професорот од иднината. 

Во арената за сајбер безбедност, компаниите ќе учат да ги препознаат сајбер нападите и како да се одбранат од нив.

- За државата ваквите иницијативи се бенефит. Да создаваме средина во која технолошките компании ќе можат да растат, а стартапите ќе можат да останат и остваруваат овде, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Иновативниот парк N99 веќе соработува и комуницира со над 40 компании на глобално ниво.