Македонија
25. September 2019 - 20:59

Отворен ден во Крива Паланка од проектот „Спорт за сите“

Сто и педесет дечиња од различни генерации од основните и Средното општинско училиште од Крива Паланка учествуваа на денешниот отворен спортски ден што се одржа на терените на ООУ „Јоаким Крчовски”, дел од проектот „Спорт за сите“ од програмата спорт за развој, поддржан од германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.

Проектот го имплементираше ТАКТ, Здружението за унапредување на меѓусебна доверба, во соработка со локалните партнери од мрежата „Спорт за развој”.

-Сето ова што го правиме, е за вас најмладите и во таа насока општина Крива Паланка во изминатите година-две значително инвестираше во инфрастктура, пред се за спортски и слободни активности, но  инвестираше и во спортски клубови и поединци. Задоволство и чест ми е, токму сега со вас да споделам една информација, дека една од наградите по повод престојниот празник на градот, а тоа е наградата за личност која дала особен придонес и промоција на градот, ќе ја добие токму спортист од нашиот град, а тоа е нашоит млад и успешен кошаркар Андреј Јакимовски, а наградата ќе му биде врачена на празникот на градот 8-ми Октомври. Голема благодарност до сите спортски работници, до сите спортски клубови од Крива Паланка и до сите наши пријатели, соработници и поддржувачи, осебно на ТАКТ и ГИЗ кои во изминатите шест месеци ни понудија исклучително интересни и забавни активности пред се за вас младите, но и активности што покажаа дека ние можеме и мораме да направиме диверзификација на спортските активности во нашата општина, рече градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Извршната директорка на ТАКТ, Магдалена Спасовска посочи дека во изминатите шест месеци во Крива Паланка во соработка со локалната мрежа се реализирани бројни активности кои направија видливи промени во заедницата.

-Денешниот завршен настан нека биде нов почеток на се она што ќе следи во наредниот период, затоа што заеднички планираме да имаме продолжување на овој проект и затоа се надевам на уште поголема ваша вклученост и зголемени спортски содржини во наредната година. Нека секој ден биде празник на спортот, бидејќи спортот го унапредува здравјето на децата, но и преку овој проект ги вклучуваме сите деца во сите активности во локалната заедница и токму овој проект ги вклучи и маргинализираните групи, посочи Спасовска.

На настанот беше доделена спортска опрема за спортската сала „Бранители 2001″, за Дневниот центар за лица со посебни потреби од Крива Паланка и за учениците од општинскиот ученички дом „Боро Менков”.

Градоначалникот Мицевски од отворените забавни фудбалски школи „Опен фан фудбал” оваа година заедно со Општината доделија спортска опрема за основните училишта и гимназијата.