Македонија
12. јуни 2019 - 17:09

Остри реакции по отворањето на „Недела на гордоста“ - Комисијата за заштита од дискриминација препозна говор на омраза

Исмевање на христијанските вредности или уметнички перформанс преку кој се адресира до поширок културолошки проблем? Бурни реакции по отворањето на седмиот Викенд на гордоста во Музејот на современа уметност во Скопје. 

Негодувањето во јавноста следува по објавените фотографии од перформансот “Акефално чудовиште”, на кои се гледаат сцени навредливи за верниците.

Маж со наметка на православен свештеник кој стои до гол светец, митолошки чудовишта, беа сцените на кои покрај припадниците на ЛГБТ заедницата присуствуваа и неколкумина познати личности и поранешни министри.

Во врска со контроверзниот перформанс реагираа и државните институции. Комисијата за заштита од дискриминација најостро го осуди настанот и вели дека тој е во целосна спротивност со уставно-правниот систем.

Станува збор за свесен, намерен и осмислен чин на провокација и омаловажување. Ги повикуваме организаторите на настанот, како и институциите на државата, во рамките на своите надлежности да преземат соодветни чекори, гиинформираме верските заедници, невладините организации, академската заедница, како и граѓаните, дека стоиме на располагање за натамошна правна и друга помош, посочуваат од Комисијата.

Ваквите перфоманси не помагаат во целта на организаторите на овој настан, а тоа е прифаќањето на лицата со ориентација различна од хетероскуалната, велат верските претставници. Во статус на Фејсбук, отец Пимен вели дека перформансот е претеран, а мнозинството не треба да трпи се, во име на изразувањето на сексуалните слободи.     

Гордејте се луѓе по парадите ако сакате. Верувам дека осудување на овој чин ќе има и во самата ЛГБТ заедница, бидејќи познавам многумина од нив и никој од нив не спомнал дека мора да го исмева христијанството за да биде респектиран член на истата заедница, пишува Пимен.

Организаторите велат дека станува збор за слобода на уметничко изразување и сметаат дека во основата на реакциите стои хомофобијата.

Контроверзниот перформанс беше настан кој и претходи на првата Парада на гордоста, која треба да биде одржана на скопските улици на 29 јуни, во организација на националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.