Македонија
26. August 2020 - 12:19

Одбележани 18 години од убиството на двајцата полициски резеристи во Гостивар

Со пригоден комеморативен собир беа одбележани 18 години од трагичната смрт на двајцата полициски резервисти Даил Јанковски и Александар Николиќ. Роднини, пријатели, претставници на полициските здруженија положија цвеќе и запалија свеќи пред спомен-плочата во знак на почит кон двајцата припадници на полициските сили кои беа убиени во 2002 година.

На спомен обележјето на влезот во гостиварската населба Циглана, посветено на овој настан, утрово дојдоа претставници од Македонскиот полициски синдикат, Одделението за внатрешни работи Гостивар, Здружението „Бедем“.

Подоцна ги посетија и нивните вечни почивалишта на новите градски гробишта во Гостивар, каде со минута молчење им беше искажана почит и благодарност на двајцата гостиварци, кои вршејќи ја должноста беа застрелани на полицски пункт.

Во чест на загинатите бранители, изминативе години се организираа турнири во мал фудбал на кој учествуваат екипи составени од полициски службеници од повеќе градови, се поведуваа и иницијативи за именување на улици со нивните имиња и за изградба на спомен обележје на овој трагичен настан.

Јанкоски и Николиќ ги загубија животите откако на нив беше пукано од автоматска пушка од автомобил во движење. Виновниците за убиството не се откриени.