Од вторник построги услови за купување втор стан
За прв стан по старо, за втор и трет – нови правила. Од вторник, оние кои веќе имаат стан, а сакаат да купат уште еден, ќе добиваат кредити под построги услови. Од банките ќе можат да позајмат помалку пари, а ќе мора и побрзо да ги вратат.
Наместо 30 години, кредитот ќе можат да го отплаќаат најмногу 25.
Истовремено, се намалува и делот од платата што ќе можат да го даваат за рати. Па така, граѓанин со плата од 60 илјади денари од вторник ќе може да издвојува три илјади денари помалку за рати.
За оние кои допрва треба да си обезбедат покрив над глава, поповолните услови остануваат исти. За стан од 100 илјади евра ќе треба да имаат најмалку 10 илјади евра од свој џеб, а кредитот ќе можат да го отплаќаат 30 години.
Со новите правила, Народната банка сака да спречи преголемо задолжување на граѓаните.
Во меѓувреме, за младите брачни парови се најавуваат и поевтини станови. Владата подготвува закон со кој тие ќе можат да купат стан за 20 проценти поевтино од просечната пазарна цена. Условот е барем еден од сопружниците да има до 35 години. Колку ќе чини квадратот, ќе зависи од тоа во која општина ќе купуваат стан.
„Предвидено е секој инвеститор кој ќе побара дозвола за изградба на станбен објект да издвои 10 проценти од станбената површина за лицата кои ги исполнуваат условите утврдени со законот. Вториот закон предвидува ослободување од плаќање комуналии за младите брачни парови кои го исполнуваат предвидениот возрасен услов. Со оваа мерка, која веќе се применува во дел од скопските општини, се предвидува можност за нејзино проширување на целата територија на државата“, кажа Катерина Димитровска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата ќе чекаат да ги видат законите, па ќе одлучат дали ќе ги поддржат. Велат дека е добро да им се помогне на младите, но прашуваат што ќе се направи за да се запре растот на цените на становите.
„Добро е да се стимулираат младите, меѓутоа видете, на нив во оваа група на граѓани, еве ако можам така да кажам, има 20% попуст за квадрат, нели, станови. Што правиме со оние галопирачки цени што растат за цена на квадрат во сите скопски општини, па дури веќе и надвор од Скопје?“, праша Сања Лукаревска, пратеничка од СДСМ.
И додека во земјава се градат околу 30 илјади станови, продажбата забавува, а изнајмувањето зема замав. Но, и покрај падот на продажбата, цените не паѓаат. За една година, становите во Скопје поскапеле за над 10 проценти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
