Македонија
4. May 2023 - 10:40

Од утре започнува исплата на Мој ДДВ, сега со зголемен лимит од 2.100 денари

Од утре започнува исплатата на Мој ДДВ за првото тромесечје, сега со зголемен лимит од 2.100 денари, најави заменик претседателката на СДСМ и директорка на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

-За прв пат ќе исплатиме 2.100 денари кај сите оние кои преку скенираните сметки дошле до тоа ниво. Во текот на утрешниот ден веќе ќе бидат исплатени првите налози. Средствата што треба да се вратат преку оваа мерка за првото тромесечје се околу 10 милиони евра и тие средства се предвидени во буџетот. Ќе инсистирам секој почеток на тековна година да расте лимитот за поврат на ДДВ на физички лица, порача Лукаревска во интервју за емисијата „Утрински печат“.

Осврнувајќи се на партиската активност „Рамо до рамо“ заменик претседателката Лукаревска истакна дека низ средбите со граѓаните, се слуша нивниот глас се ценат нивните коментари и забелешки, со цел да се подобри партиското работење.

-Со граѓаните разговараме отворено за сите нивни проблеми и потреби, ги слушаме нивните забелешки, добронамерни критики, слушаме што имаме реализирано, што имаме ветено а досега немаме реализирано, затоа и сме со граѓаните за повеќе да слушаме, а помалку да зборуваме и мислам дека до сега има добар одзив, порача Лукаревска, најавувајќи дека наскоро СДСМ ќе има и посебна, друга активност, каде ќе се презентираат досегашните реализирани проекти, како и почеток на подготовка на новата програма.