Македонија
4. May 2016 - 8:31

Од Демир Капија почнуваат акциите за чистење отпад

Во организација на Go Green, Ајде Македонија и Грашница, денеска почнува серијата акции за чистење отпад во Скопје, Охрид, Демир Капија, Маврово и Крушево.

Целта е јакнење на јавната свест за проблемот со отпадот особено во туристичките дестинации. 

Акциите ќе почнуваат во 10 часот, а за сите учесници се обезбедени вреќи за собирање отпад и ракавици. 

Првата акција стартува во Демир Капија, со чистење на пешачките патеки до Чифлик и до село Клисура, а ја организираат Македонија Травел и локалните власти. Во Крушево акциите ќе се одржуваат на 6 и 7 мај со чистење до Мечкин Камен и кај Крушевско Езеро во организација на Хели Клуб од Крушево, на 6 мај во организација на Грашница и Go Green во Охрид ќе се чистат патеки на планината Галичица, на 7 мај ќе се чисти на четири локации кои ги вклучуваат Горица 2, Заливот на коски, село Елшани и Охрид, додека на 8 мај акциите завршуваат со чистење во Скопје и Маврово.

Според организаторите, странските туристи се повеќе се заинтересирани за состојбата со животната средина на дестинацијата која ја посетуваат. Се повеќе туристи се во потрага по „зелени“ дестинации кои се проактивни кон прашањата на животната средина: управувањето со отпадот, јаглеродните емисии, зачувувањето на биодиверзивитетот и водоснабдувањето.

Во Обединетото Кралство, 54 отсто од анкетираните ја земаат предвид екологијата пред да букираат патување, а 82 процента би платиле повеќе за „зелени“ услуги и продукти.

Go Green ги повикува сите граѓани на Скопје, Демир Капија, Охрид, Крушево и Маврово, но и од целата држава, да се приклучат кон акциите. - Мора да се ангажираме сите за да ја зголемиме свеста кај граѓаните за отпадот, воспоставување инфраструктура за управување со отпад и доследна имплементација на веќе донесените правила и планови за управување со отпад, истакнуваат од  Go Green.

Во Македонија просечно, еден жител произведува 380 килограми отпад, додека во Охрид поради големиот број туристи просекот е двојно поголем во текот на туристичката сезона. Најголем процент од овој отпад, 99,4 отсто, се одложува на депонии.

Според организаторите, нечистата дестинација ја менува сликата на туристот за убавината на дестинацијата. 

Акциите за чистење на отпадот се во соработка со претставници на туристичкиот и јавниот сектор.