Македонија
4. April 2016 - 13:03

Од 6-ти до 29 април „Танц фест 2016“ со гости од Измир, Париз, Рига и Пекинг

Со премиера на танцовата претстава „Стапнувајки на земја“ на Скопје танцов театар, задутревечер во Македонскиот народен театар ќе биде отворен годинашниот „Танц фест 2016“. Фестивалот ќе трае до 29 април - Светскиот ден на танцот и, покрај Скопје,  ќе се одржува и во Велес и Битола. 

Годинашната програма е најобемна досега, во која покрај прославата на пет години постоење на Скопје танцовиот театар, публиката ќе има можност да проследи и гостувања на познати танцови компании.

На 11 април Балетот на Државната опера и балет од Измир, Турција,  ќе ја изведе претставата „Боите на танцот“ во короеграфија на Мехемд Балкан, на 17 април со „Поетска танцова трагедија“ ќе гостува танцовата компанија АРА од Рига, следниот ден ќе настапи Руалите од Париз, со „Strates” и фокус на современиот танц во Франција, а на  23 април  со претставата „Trans la valo” ќе гостува Beijing Nine Contemporary Dance Company од Пекинг. 

На свеченото отворање во среда во МНТ, на кое ќе бидат одбележани петте години од постоењето на Скопје танцов театар, која е единствена современа танцова компанија во Македонија, ќе биде доделена и наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот. Годинашен добитник на признанието е уметникот Милко Шпаремблек кој, меѓу другото, бил и директор и на Метрополитен балетот во Њујорк.

- За оваа пригода, Скопје танцовиот театар подготвува нова премиера (Стапнувајќи на земја) со три различни кореографии: „Кој и да е“ на Андријана Андреева, „Најди некој...“ на Матеа Киселичка и „Тишината на пчелите“ во кореографија на гостинката од Холандија, Џоан ван дер Маст, на музика на Сара Замбони, италијанска авторка која компонираше нова музика за ова дело, информира „Танц-фест“. По премиерата на 6 април во Скопје, оваа претстава ќе биде изведена и на  9 април во Народниот театар во Велес и на 25 април во Народниот театар во Битола.

Покрај премиерата „Стапнувајќи на земја“ за отворањето на „Танц фест“, Скопје танцовиот театар на 15 април ќе ја изведе и втората премиера во рамки на фестивалот - „Волшебен свет“. На 21 април таа ќе биде изведена во Велес, а на 25 април и во Битола.

Во рамки на фестивалската програма ќе има и Отворен ден (7 април) со танцови студија од Македонија. Целта е поттикнување на креативноста кај најмладите кои го практикуваат танцот. На настанот првпат ќе бидат доделени наградите „Пеперутки“ во неколку категории.

Повеќе студија од цела Македонија ќе учествуваат и на Парадата на танцот која ќе се одржи на 24 април на улиците низ Скопје. На 14 април, пак, на сцената „Зебра“ ќе се одржи Хип-хоп танцова лига на студиото „Битрикс кру“, во која ќе се претстават најдобрите хип-хоп танчари избрани во процес на двомесечни натпревари.

Оваа година мотото на фестивалот е „Let’s Dance! Be different!“  во чест на Дејвид Боуви. - Тој е првата голема музичка ѕвезда која во 1988 година го претстави современиот танц на сцена танцувајќи заедно со современата танцова компанија од Њујорk - Хјуман степс Ла Ла Ла, соопшти „Танц фест“.