Живот
25. August 2016 - 12:38

Очајна баба од село од докторот побарала услуга од која се скаменил

Оваа вистинска случка раскажана од еден српски доктор, кажува сѐ за тоа што се случува со селата во Србија. Но, читателите секако дека ќе препознаат дека слично е и во Македонија, како и во другите балкански земји. Младите го напуштаат селото и својата среќа ја бараат во градовите или во туѓина.

Но, која е последицата од сево ова? Прочитајте ја оваа исповед на еден српски доктор.

Српскoто село во областа Рашка  ги одбројуваат своите последни денови – се гаси, останува без жители. Од селото водат две еднонасочни патишта. Едниот пат води кон други краишта на централна Србија и во светот, а другиот пат води – до оној свет. Назад во селото не води ниту едниот, ниту другиот. Има сѐ повеќе напуштени домови и села без ниту еден жител. Плевелот бујно се шири, ги голта нивите, патиштата, куќита, како да ни го краде нашиот човечки простор.

Трагедијата на српското село е трагедија и на српскиот народ, Оваа трагедија изгледа станала толку очигледна што е беспредметно да се каже што било за неа. А од друга страна, никој не гледа што се случува со селото, сите се однесуваме како сето тоа да е сосема нормално. Но, на крај тоа жестоко ќе ни се одмазди на сите нас, затоа што со губењето на народот се губи суверенитетот, територијата, слободата, идентитетот, иднината, паметта. Српскиот поет Јован Дучиќ кажал дека најголемата несреќа е истовремено да си стар, болен и сиромашен. Токму оваа несреќа го погодила селото. Оваа вистинска случка кажува сѐ.

Еден викенд бев отишол во Сопочани, на својот имот. Од селото ми доаѓа една жена која делува застрашувачки: полуслепа, стара, целата испокината, целата изгребана од трњата, запуштена. Ми приоѓа сосема близу со несигурен од, потпирајќи се на својот крив стап ме загледува долго и без збор, како да проверува дали ме гледа, одеднаш прашува: „Дали си ти Добро?“

Потврдив.

„Те преколнувам во Бог и во све живо да ми напишеш дека сум умрела.“

Не ја разбирам што ми вели, сѐ си мислам дека погрешно се изразила, дека сакала да каже нешто друго. Прашувам:

„Сакаш ли да ти напишам дека си болна?“

„Јок. Напиши ми дека сум умрела, те преколнувам како бог.“

„Бабо, можам само да ти напишам дека си болна, друго не пишувам. Тоа се пишува во месната канцеларија.“

„Ништо тоа не ми вреди. Те молам, напиши ми дека сум умрела, да му пратам на синот да дојде да го видам уште еднаш пред да умрам.“

Знам од каде е, патувала пеш четири километри околу трње, полуслепа, и попат трњето ја изгребало. Лицето и рацете ѝ крварат. Ја разбирам тежината на нејзината молба, нејзина молба е тешка до Бог, последна претсмртна желба, стресно ми делува нејзиниот изглед, а нејзината молба ме заледи, ми се смрачи ведриот ден. Ја разбирам, но не можам да ѝ помогнам.

„Бабо, ќе ти напишам дека си тешко болна, на умирање, па тоа прати му го на синот, тој сигурно ќе дојде.“

„Ништо не ми вреди тоа, ти само напиши ми дека сум умрела, те молам и преколнувам.“

Ѝ објаснувам дека тоа не смеам да го напишам. Си замина плачејќи без глас, не сум сигурен ни дека жива се вратила дома. Тој стрес и денес ме држи. Долго не сум бил на викенд во Сопочани. Ништо потажно во животот не сум доживеал. Сум бил на погреби. Тие се свеченост во споредба со неизмерната тага на немоќната, стара и слепа мајка.

Вакви и слични трагедии, знајни и незнајни, ги има безброј во српските села во областа Рашка, каде што останале само тие кои немале сила да си заминат и ја чекаат смртта како спас од бедата која им ја причинува животот. Некои не можат да дочекаат да умрат со природна смрт, па сами си го одземаат животот. Овие несреќници страдаат и после смртта, бидејќи црквата не сака да ги опее. Нивните преостанати роднини молат, бараат медицинска документација да ѝ покажат на црквата дека покојните биле умствено растроени, со цел црквата да ги удостои со опело за покој на душа. А зарем во такви услови на живот е и можно човек да остане душевно нерастроен.

Старите луѓе во селото се сите депресивни, затоа што живеат во невозможни услови. Тоа не е село, туку престјувалиште на луѓе на умирање. Ако останале дедо и баба, некако и живеат. Бабата ќе замеси леб, ќе ја измолзе единствената крава, а многумина немаат ниту една крава. Но, кога бабата ќе умре, дедото буквално гладува, изнемоштен, напуштен од сите, не може да ја обработува земјата, а нема каде да купи леб, да замеси не умее. Не толку ретко се случува дедото по смртта на бабата да се обеси. Од голема почит кон својата баба тој силно сака да ги изврши сите погребни обичаи, но не може да издржи, и пред навршената година од смртта на својата жена, сам себеси се лишува од животот. Се случува да нема кој да му ископа гроб на покојникот, па гробот го копа самиот поп и сам го погребува, како што е обичај кај српското село Селац кај Нови Пазар.

Ќе минете низ цели села, а нема да слушнете лаеж на кучиња. Никој не чува кучиња, бидејќи немаат што да чуваат, а и немаат со што да ги хранат, или во селото веќе нема ни луѓе, ни кучиња. Најчесто има само кокошки. Лисиците и волците по бел ден се шетаат низ селото и без страв ги загледуваат старците, како да проверуваат колку им останало од животот. И по бел ден лизиците ќе соберат кокошки. Срните скоро си се припитомиле, можете да ги видите како секојдневно пасат крај нечија куќа.

Ете, тоа е само дел од трагедијата на српското село. Таа трагедија никој не ја гледа и никому не му е грижа за неа. Некој ќе каже дека сум претерал. Напротив, ова е само мал дел од вистината, а огромен дел од неа не е ни виден. Српското село е сцена на лични трагедии. Кој ќе го спаси српското село, ќе ја спаси и Србија.