Македонија
25. February 2026 - 16:44

Обвинителите бараат политичарите да не ги коментираат одлуките на Обвинителството

По прозивките од страна на политичарите до обвинителството и судот, за куќниот притвор кој му беше доделен на Груби, од Здружението на јавни обвинители апелираат до сите партии и функционери да се воздржат од јавна реторика која може да се протолкува како притисок врз обвинителите во нивното одлучување. 

Во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите.

Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот "Државна лотарија". Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат, стои во реакцијата на здружението на јавни обвинители. 

Откако вчера министерот за правда ја оцени одлуката за куќен притвор на Груби како скандалозна и ги повика Советот на јавни обвинители и Судскиот совет итно да свикаат седници и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител кои ја побарале и одобриле оваа мерка, денеска претседателот на Советот на јавни обвинители вели тие не се надлежни за тоа. 

Не требало Филков со име и презиме да го каже обвинителот, но тоа е негов став смета претседателот на Советот на јавни обвинители. Надлежноста за евентуална одговорност на обвинителот е во неговото матично обвинителство и во Вишото.

Ниту Судскиот совет не може да бара одговорност од судијата кој го одобрил куќниот притвор по барање на Обвинителството. Според ЗКП судија не може да определи посторога мерка од онаа што ја побарал обвинителот. Судскиот совет нема да постапува во овој случај, вели претседателот Камбовски. 

Додека наделжените си ја префрлаат одговорноста, Груби останува во домашен притвор. 

Откако Груби беше на распит во Обвинителството, отаму најавија дека и во наредните денови неговата одбрана ќе може да врши увид во материјалите и доказите коишто ги имаат обезбедено за поранешниот вицепремиер, во истрагата која се води против него, за проневера во службата за проневерени 8,2 милиони евра во Државната лотарија.