Македонија
4. December 2025 - 19:41

Обвинетите пречекани со ликот на жртвите од Пулс - родителите гневни што никој не чувствува вина

Транспарентот со фотографии од жртвите во Кочани и пораката ,,63 сенки ќе ве следат, секој поглед бара правда" пред судницата ги дочека денеска обвинетите за трагедијата во дискотеката Пулс. Родителите на загинатите, сметаат дека е контрадикторно што никој не признал вина, па прашуваат дали тие треба да ги потсетат обвинетите зошто се во судницата.

Повеќе од пет часа во судницата, обвинетите и нивните адвокати објаснуваа дека тие не се виновни за пожарот. Екс градоначалникот Ратко Димитров рече дека бил единствениот кој уште во 2012 барал дискотеката да не добие лиценца, гi информирал Mинистерството за економија и Државниот пазарен инспекторат дека на таа локација не е предвиден угостителски објект, но никогаш не добил повратна информација. Љупчо Папазов пак во чиј мандат се случи трагедијата, најави дека во текот на судењето ќе понуди докази дека тој немал никаква надлежност за Пулс. 

И тројцата градежни инспектори на општината тврдеа дека немале овластувања да контролираат што се работи на објектот. Реконструкцијата, тврдат се правела тајно, и како што велат, трагедијата ја предизвикал пожар, а не градежни пропусти.

И обезбедувањето тврдеше дека немале никаква вина. Пиротехниката била внесена пред да почне нивното работно време, а немале ни законска дозвола да легитимираат дали гостите се малолетни.

На следното рочиште, свои воведни обраќања пред судот ќе имаат четворицата поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување.