Македонија
3. May 2024 - 16:41

Обичаи и верувања за Велики петок

Православните христијани денеска го празнуваат Велики Петок, најтешкиот и најтажниот ден во годината, денот на страдањата и смртта на Исус Христос. Верници доаѓаа да се поклонат на Плаштаницата која го симболизира Христовиот гроб. Според свештениците иако тажен овој ден сепак носи и одредена родост.

„И зошто е потребно да ги преживееме овие тажни настани, одоговорот е многу едноставен за да подлабоко да можеме да го разбереме значењето на Христовите страдања и маки и за да разбереме дека овој ден е и радосен ден и носи светлина. Зошто? Затоа што ако не се случело страдањето и смртта Христови немало да се случи ниту Воскресението“, истакна протоереј Љупче Петрески.

На овој ден црквата предвидува строг пост, само со вода, а многу верници на Велики Петок ништо не пијат, ниту јадат до зајдисонце.

„Да ги почитуваме обичаите кои постарите генерации ни ги оставиле“, вели една прилепчанка.

„За здравје доаѓаме, за среќа, почит кон Господ, да си го прославиме тоа“, додаде друга верничка.

„Да си запалиме свеќа за здравје, да си ја почитуваме верата“, додаде друг верник.

Според етнолозите пак за овие Велигденски денови освен одењето во црква во Прилеп во минатото се почитувале едни од најчудните обичаи во Македонија. Обичаите се делат на народни кои ги измислил народот и црковни востабновени од црквата.

„Во народната митологија ова е ден за магиите, прво се чисти куќата што е многу битно, дури се бришат и ногалките од столиците и крпите и метлите се фрлаат по вода или на некое место. Тоа е за заштита на семејството опд уроци. Инаку овој петок се правеле и позитивни, но и негативни магии во минатото. Пример магии кон стоката да и снема млеко и слично. Црковните обичаи се поврзани со делото и животот на Христос, а народната митологија е исто тоа, но во сосема поинаква верзија“, изјави Александар Цветкоски, етнолог.

Утре е Велика Сабота денот кога се прават последните подготовки за дочекување на најголемиот христијански празник Велигден.