Свет
3. November 2015 - 8:46

Обама: Испраќањето специјалци во Сирија не значи и непочитување на ветувања

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека планираното распоредување специјалци во Сирија за да ги советуваат опозициските сили во борбата против ИД, не значи и непочитување на неговото ветување дека американски војници нема да стапнат на сириско воено поле дадено во 2013 година.

Во интервју за Ен-Би-Си, Обама рече дека специјалните операции се само проширување на веќе постоечките акции на САД, но не се испраќање на американски војници на фронт-линијата во борбата против ИД.

– Ние нема да се бориме како што правевме во Ирак, со батаљони и окупации. Тоа не го решава проблемот, изјави Обама.

Тоа е негова прва реакција откако во петокот Белата куќа соопшти дека околу 50 луѓе од специјалните сили ќе бидат испратени на мисија во Сирија да обучуваат, советуваат и да ги помагаат сириските опозициски сили.