Македонија
12. July 2020 - 16:52

Нови аудио бомби од разговори на Мицкоски и Заев

Објавени 4 нови аудио разговори за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на последниот ден од кампањата. На јутјуб каналот „Обнова на режимот“ утрово се поставени разговори за кои објавувачот тврди дека Мицкоски разговара со осуммината пратеници кои тој ги исклучи од ВМРО-ДПМНЕ во октомври 2018-та откако ја поддржаа промената на Уставот за промена на името, а подоцна и Законот за јавно обвинителствто. Во разговорите се слуша како Мицкоски им кажува на пратениците дека од општинските комитети на партијата барал да не ги напаѓаат, но и ги убедува да не гласаат за Законот за јавно обвинителство.  

На комплетно нелегален начин ги префрлија предмет таму каде што ги префрлија и тоа за нив беше сосема доволно за да продолжат политичките притисоци, уцени, закани, за политички неистомисленици. И они немаат желба понатаму да има решение по закон, иако фингираат преговори пред меѓународна заедница и пред нас и така натаму – вели Мицкоски.

Начинот на објавување на разговорите го осудија и 8-те независни пратеници, потенцирајќи дека ова се само исечоци од средбата со Мицкоски одржана во канцеларијата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Мицевски во Собранието.

Бараме од надлежните органи да истражат кој, како и зошто ги снимал средбите. Како пратеничка група, се оградуваме од ваквите игри кои очигледно се нова режија на некој кој покрај нас, бил присутен на средбата, со цел наше деградирање. Во однос на снимките, појаснуваме дека на „Јутуб“ се објавени само исечоци од по неколку секунди, а пак средбата и разговорот со господинот Мицкоски траеше подолго, пишува во реакцијата на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во исто време на јутјуб каналот „Зоки рекетарот“ се појави и нова снимка од лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во снимката која трае 12 секунди Заев вели дека разговарал со адвокатот Васил Димишков, брат на судијката Весна Димишкова во кој се споменуваат и 6 милиони евра. Оваа сума беше претходно споменувана и во аудио разговорите на Димишков поврзани со случајот Рекет.