Македонија
20. August 2015 - 12:25

Нова социјална зграда со 43 стана во Кочани

Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Подружница во Кочани започна со градежните работи на новата станбена зграда наменета за лицата со социјален ризик.
 
Зградата ќе се гради во населбата „Драчевик“ како ламела два до веќе постојната зграда со социјални станови.
 
- Вкупната вредност на овој објект изнесува 53.953.626,80 денари и за истиот се платени комуналии во висина од 3.154.089,00 денари. Ќе располага со 43 стана со површина од 35 и 45 метри квадратни. Моментно се врши расчистување на теренот, а од понеделник компанијата која е избрана на тендерот „Атриум“ ДОО увоз-извоз Вевчани со механизацијата ќе ги започне работите на изградбата на зградата, изјави Анче Трифунов, раководител на Подружницата во Кочани.
 
Според најавите зградата со 43 социјални стана ќе биде готова за 24 месеци.