Негуватели на стари лица оставени без хонорар за Нова година
Македонија се подготвува за прослава на Новата година. Но не сите ќе ја дочекаат со радост. Лица ангажирани за грижа на стари лица во домашни услови и во Домовите за стари лица ширум државата останаа без исплата на хонорарот за два месеци.
Работеле, помагале, се грижеле за старите, но хонорар се уште немаат добиено, ниту за октомври, ниту за ноември.
Игор Јанковски бил ангажиран во домот за стари лица „Иван Влашки“ во Берово, преку проект на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Иако го одработел своето, пари се уште нема добиено.
- Јас лично сметам дека не е коректно, уште од октомври месец немаме земено плата, а сега сме 31. Значи, новогодишни празници, па се ближат наскоро божиќните празници, а ние се уште немаме добиено плата. Нема одговор, во старечкиот сум прашал, да не речам, 30 пати и ни велат: „Тоа зависи од Скопје“, и стварно немаме сознанија во што е проблемот, вели Јанков.
Дека државата доцни со исплата потврдуваат и од Министерството. Проблемот бил што не била направена прераспределба на пари.
- Во однос на доцнењето на исплатите за месеците октомври и ноември, причината е што со распределбата на буџетските средства не беа обезбедени финансиски средства за оваа намена, што услови привремен застој во исплатите на ниво на центрите за социјална работа. Министерството е во постојана координација со надлежните институции со цел обезбедување на потребните средства и надминување на настанатиот застој, со цел обврските кон ангажираните лица да бидат подмирени во најкраток можен рок. Во моментов, застојот се однесува исклучиво на оваа услуга, а Министерството внимателно ја следи состојбата и во другите сегменти на социјалната заштита, со цел навремено реагирање доколку се појават слични предизвици. Министерството останува посветено на унапредување на социјалните услуги и на заштита на правата и трудот на лицата ангажирани во системот на социјална заштита, велат од Министерството.
Јануари е најтешкиот финански месец за секое семејство во државата, особено за православните христијани. Доколку Министерството сепак, не ги исплати овие лица веднаш по први јануари, неизвесноста ќе им остане и за божиќните празници.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
