Научните докази покажуваат дека вејпингот веројатно предизвикува рак на белите дробови и усната шуплина

Истражувачи од Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј објавија сеопфатен преглед на научни докази што укажуваат дека вејпингот веројатно е поврзан со појава на рак на белите дробови и рак на усната шуплина.
„Анализирањето опфатило широк спектар на истражувања, вклучувајќи и студии спроведени на животни, извештаи за поединечни случаи кај луѓе, како и лабораториски испитувања објавени во периодот од 2017 до 2025 година“, пишува Гардијан.
Овие податоци, според научниците овозможуваат поцврста основа за процена на потенцијалните здравствени ризици поврзани со употребата на електронски цигари. Резултатите покажуваат дека употребата на електронски цигари може да доведе до низа биолошки промени кои се поврзуваат со зголемен ризик од рак – меѓу кои се вклучени оштетување на ДНК, како и појава на хронични воспалителни процеси во ткивата. Овие механизми се сметаат за значајни фактори во развојот на малигните заболувања.
Според професорот Бернард Стјуарт и коавтор на научниот труд, врз основа на севкупните докази е заклучено дека електронските цигари веројатно предизвикуваат рак на белите дробови и рак на усната шуплина, иако во овој момент не може прецизно да се утврди колкав ќе биде вкупниот здравствен товар. Додека пак, главниот автор - вонредниот професор Фреди Ситас нагласи дека историјата покажала дека раните предупредувања за штетноста на одредени навики често биле занемарувани, предупредувајќи дека не смее да се повтори сценариото со традиционалното пушење, каде што беа потребни децении за да се потврди канцерогеност и да се преземат соодветни мерки.
По ваквите наоди, експертите предупредуваат дека вејпингот не треба да се смета за безбеден избор, особено кај младите луѓе кои претходно не користеле тутунски производи. Оттука, се упатуваат повици за воведување построги мерки, засилен надзор и ограничување на достапноста на производите за вејпинг, со цел намалување на потенцијалните здравствени ризици во иднина.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Единствено ние ги намаливме цените на горивата минатата недела, граѓаните да бидат спокојни состојбата се следи, има доволно количини
-

Фирма од Свети Николе оштетена за 44.222 евра при компјутерска измама
-

Одложено судењето против 13 полицајци за пожарот во дискотеката „Пулс“
-

Стефковски: По четири децении, Домот на културата „11 Октомври“ повторно оживува
-

Цената на нафтата падна на помалку од 100 долари по барел по најавата за крај на војната на Блискиот Исток
-

Уценувала газда со фотографии од нехигиенска кујна да му плати 5.000 евра или да ја врати на работа
-

Телото го измил и го подготвил за погреб, синот кој си го уби таткото во Гостивар прикривал траги
-

Детска песна за „Голема Албанија“ емитувана на МРТ2, програмскиот совет ќе утврдува одговорност
