Свет
15. January 2019 - 21:41

„Нападнати сме, помагајте“, најмалку 7 загинати во терористички напад на џихадисти врз елитен хотел во Најроби

Припадници на терористичката група Ел-Шабаб денеска изведоа смртоносен напад врз луксузен хотел и комплекс во главниот град на Кенија, Најроби, а се претпоставува дека има најмалку седум жртви.

Пред официјалните лица да се огласат за жртвите, фотограф на агенцијата Франс прес сведочеше дека видел пет тела на терасата на еден ресторан од тој комплекс во кој се наоѓаат повеќе деловни згради.

Вооружени напаѓачи фрлале на паркингот бомби врз возилата, кои се запалиле, а потоа влегле во предворјето на хотелот, каде еден од напаѓачите се разнел, изјави за новинарите шефот на кениската полиција, јави Би Би Си.

Повикувајќи се на претставници од болницата во Најроби, Ројтерс претходно пренесе дека во болница се префрлени пет лица, од кои едно починало.

Медиумите претходно јавија дека одекнале две експлозии во елитниот дел од главниот град на Кенија. Мета на нападот бил хотел со пет ѕвездички и деловен комплекс.

На местото на нападот се слушнало и пукање, а видео снимките покажуваат спасувачи како ги изнесуваат повредените луѓе.

„Нападнати сме!“, рекол еден од сведоците на инцидентот. На снимките се гледаат и запалените автомобили.

Одговорноста за нападот врз луксузниот хотелски комплекс "DusitD2" во кениската престолнина ја презеде екстремиситичката организација Ал Шабаб.

Од комплексот и натаму се слуша спорадично пукање, а исплашените цивили бегаат од таму, пренесува АП.

„Слушнав пукање, а потоа и луѓе како трчаат со раце кренати во вис, од кои некои влетаа во банката за да се спасат“, рече друг сведок.