Македонија
11. December 2020 - 15:42

Намален број на хоспитализирани во прилепската болница, зголемена потребата од кислородна поддршка

Во Прилеп се намалува притисокот за прегледи во Инфективното одделение и на хоспитализираните пациенти од Ковид-19, но бројките сѐ уште покажуваат дека е потребна заштита и внимателност, соопштуваат од прилепската градска болница.

Според директорот на болницата Драган Богојески,  овие денови се хоспитализирани помал број пациенти, но поради тоа што повеќето се повозрасни, имаат проблем со кислородот, па на 70 насто е зголемен бројот на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка.

-Моментално, во петте ковид-одделенија на прилепската гадска болница се хоспитализирани и се лекуваат 105 пациенти. Она што е карактеристично  во последниот период е зголемениот број на пациентите на кислородна поддршка. Ако во октомври и почетокот на ноември беа 50 насто на килосордна поддршка, сега процентот е зголемен на 70-ина насто и во моментов имаме 71 пациент на кислородна поддршка, изјави Богојески.

Тој смета дека можеби сето се должи на тоа што во последно време се примаат повозрасни пациенти со ниска сатурација на кислород.

-Можеби тоа се должи на фактот дека во последно време се примаат пациенти од повозрасните категории, каде и претходно, можеби, не била добра сатурацијата со килород во организмот. Повеќето од новопримените пациенти имаат пониска сатурација и мора да се постават на кислородна поддршка, вели Богојески.

Помалиот број на прегледи го следи фактот и на намалувањето на хоспитализираните пациенти.

– До пред една недела бројот на хоспитализирани беше помеѓу 120 и 130 пациенти. Сега, неколку дена бројката е под 120, за во моментов се 105 хоспитализирани. Но проблемот е што дел од пациентите се повозрасни, со потешка клиничка слика, вели Богојески.

Прилеп е меѓу градовите со поголем број починати лица. Претходното деноноќие имаше шест починати граѓани.

– Во последната недела-две главно се примаат пациенти од повозрасните групи, со потешка клиничка слика, со недоволна сатурација и тоа е причината за поголем број смртни случаи во овие две недели. Поради овие причини, во речиси сите ковид-оддленија има по еден до двајца пациенти со потешка клиничка слика. Поради ниската сатурација, и покрај сите напори со медикаментозната поддршка и терапијата што се дава, се развива пневмонија која е не може да ја санираме, објаснува Богојески.

Болницата почна да употребува брзи тестови за дијагностицирање на Ковид-19. Од Министерството доби околу 300 брзи теста и помагаат за брзо контстатирање на Ковид-19 и пациентите не лежат долго во собите за изолација.

Во прилепската болница во моментов има околу 30 слободни кревети за хоспитализација на пациентите.

Охрабрува дека бројот на оздравени е поголем од бројот на хоспитализирани пациенти.

Во Прилеп се активни 920 случаи, а од почетокот на пандемијата се регистрирани повеќе од 3 500 лица заболени од Ковид-19. Досега починале околу 160 лица.