Свет
6. May 2016 - 10:55

Над 70 лица се убиени во судири во близина на Алепо

Над 70 лица се убиени изминатите 24 часа во жестоките судири меѓу силите на сирискиот режим и сирискиот огранок на Ал Каеда и неговите сојузници, југозападно од градот Алепо, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права.

Фронтот ал Нусра и неговите исламистички сојузници рано изутрината го зазедоа населеното место Хан Туман и околните села во близина на Алепо, по околу 24 часовни судири. 

Најмалку 43 борци од Ал Нусра и нивните сојузници, вклучувајќи и локален командант и 30 припадници од силите на режимот и милициите загинале во борбите, додаде Центарот. 

Силите на режимот на претседателот Башар ал Асад во декември ги протераа Ал Нусра и нивните сојузници од Хан Туман, распореден на десетина километри од Алепо.

- Враќањето на Хан Туман и околните села значи дека е пробиена линијата на одбрана на режимот јужно од вториот по големина град во земјата, изјави директорот на Центарот, Рами Абдул Рахман.