Нацрт – предлог на ЕУ – за Албанија “патокази, за Македонија економски придобивки“
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен од Тирана официјално потврди дека во Брисел подготвуваат конкретни патокази за пристапување за најнапредните земји кандидати, меѓу кои ја спомна Албанија. Новиот стратешки нацр-документ е за забрзување на евроинтеграциите и се однесува на четири земји кандидатки, но Македонија повторно останува надвор од брзата лента.
Додека Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина се движат кон полноправно членство, Македонија се наоѓа во групата земји за кои се предвидуваат само економски придобивки. Според написите на реномираниот портал Политико, кој се повикува на нацрт-документ подготвен од Александар Адам главен советник на Фон дер Лајен и еден од креаторите на францускиот предлог за Македонија, Косово, Србија, БиХ и Турција процесот се одолговлекува со децении.
За овие земји ЕК планира да понуди економски придобивки а пристапот до единствениот европски пазар ќе зависи од тоа дали ќе се воздржат од споделување клучни технологии со ривалски држави како Русија и Кина како и од доследното почитување на демократските стандарди.
„При проценката на пристапот треба да се земат предвид стратешката усогласеност, критичните зависности и капацитетот за управување со ризиците за инфраструктурата и синџирите на снабдување. Кога овие услови не се исполнети, опфатот на учеството треба да се приспособи во согласност со применливиот инструмент.“, пишува во документот што го објавува Политико.
Овој документ се очекува претседателката на ЕК официјално да им го претстави на средбите со македонскиот државен врв во петок во Скопје. Премиерот Мицкоски рече дека ставот на Владата во однос на евроинтегративниот процес е познат и дека е подготвена да разговара и да бара решение. Од опозициската СДСМ пак реагираат и прашуваат зошто Македонија е изоставена од акциските планови на Унијата.
„Прашањето е зошто Македонија е изоставена од акционите планови на Унијата, а Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина добиваат пат. Затоа што реформите стојат. Втор рок истече. 1 јуни беше ветување. Ништо, ниту глас. Судство на телефон. Обвинител партиски. Извештајот на ЕК катастрофален. Арамијата и бандата не сакаат ЕУ. Затоа што ЕУ носи правила. Закон којшто важи за сите. Независни институции. Слобода на медиуми“, велат од СДСМ.
Со пристигнувањето во Тирана, Урсула фон дер Лајен ја почна турнејата низ Западен Балкан, од каде порача дека пристапувањето во унијката ќе остане врз основа на принципот на заслуги но и дека ќе се дефинираат јасни патокази за најнапредните кандидатки.
Фон дер Лајен порача дека и следните договори за пристапување што ги дизајнираат сега исто така ќе имаат заштитинички механизми, клаузули бидејќи обврските што се преземени на патот кон членство мора да продолжат да се почитуваат и откако земјата ќе стане членка.
Од Тирана, во петок Фон дер Лајен доаѓа во Скопје, а предвидени се официјални средби со премиерот Мицкоски и претседателката Силјановска Давкова.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
