Македонија
1. јуни 2016 - 21:25

Национален состанок за социјална инклузија на старите лица

Македонија има одлична и хармонизирана законска регулатива за социјална инклузија на старите лица, но голем број од оваа категорија граѓани не се добро информирани за своите права.

Ова го покажа истражувањето за условите, стратегиите и политиките на државата поврзани со старите лица и можностите и капацитетите на граѓанскиот сектор да се вклучи во активностите за лобирање и едукативност што се реализира во рамките на регионалниот проект „Преземање акција за социјална инклузија на старите лица“ на Црвениот крст на Република Македонија и невладината организација „Хуманост“, финансиран од Европската унија.

Професорката по социјална заштита од Филозофскиот факултет во Скопје, Сунчица Димитриевска при презентацијата на резултатите од истражувањето, на Националниот состанок на мрежата на граѓански организации за социјална инклузија на старите лица што денеска и утре се одржува во Струга, посочи дека постапката за реализирање на правата на старите лица најчесто е долга и потребни се голем број документи.

- Кога зборувам за законска регулатива во Македонија, можам да ја оценам со највисока оценка значи добра и хармонизирана. Имаме најголем број права, кои старите лица може да ги остварат. Кога го спроведувавме истражувањето уврдивме дека голем број на старите лица не се добро информирани за правата и постапката која најчесто е долга. За неа се потребни голем број документи кои старите лица не можат да ги набават или определени причини во период кога требало да ги набават ги нема, истакна Димитриевска.

Според неа, имало случаи кога стари лица не можат да остварат права бидејќи во текот на својот живот не ги регулирале имотно-правните односи, местото на живеење, одвоеност од семејство и слично.

- Старите лица имаат потреба да бидат добро информирани, да бидат поддржани при постапката во остварување на нивните права. Мислам дека дел од постапките можат и да се упростат, како што тоа веќе се случува, рече Димитриевска.

Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија Саит Саити посочи дека како резултат на податоците од истражувањето за условите, стратегиите и политиките на државата поврзани со старите лица ќе се подготви стратегија за работа на мрежата што ќе се формира за таа цел.

- Целта на мрежата ќе биде токму преку граѓанските организации да се подига свеста во општеството за улогата што треба да ја имаат старите лица и нивната вклученост во донесувњето одлуки поврзани со нивното живеење, истакна Саити.

Просекот на старо население во Македонија е 15 проценти, додека во светски рамки тој просек е 12 отсто, што според Саити е индикатор државата со своите политики и органзиациите кои се занимаваат со овие проблематики во нивните агенди прашањето и потребите на старите лица да го постават на повисоко ниво.