Балкан
10. August 2019 - 12:35

На потерниците од Интерпол најмногу Албанци, четворица се од Македонија

Според најновите податоци на Интерпол, Албанија е на врвот во однос на сите европски земји со 116 Албанци кои се обвинети за разни злосторства и за кои е распишана меѓународна потерница, соопшти албанската телевизија Тош Чанел.

Како што наведува оваа телевизија, тие се барани не само врз основа на албанска потерница до Интерпол, туки нив ги бараат и други земји во кои се осомничени дека сториле кривични дела.

Зад Албанија се наоѓа БиХ со 99 лица на потерница на Интерпол, Бугарија со 50, Романија со 48 и Франција со 28 нејзини државјани на меѓународна потерница. Само три европски земји, односно Ирска, Исланд и Луксембург имаат само по едно лице на меѓународната потерница на Интерпол.

Секое лица на оваа листа може да биде уапсено во било која држава од светот и да биде процесуирано преку екстрадициски затвор, испорачување или друга правна постапка во зависност од националните законодавства и билатералните и мултилатералните договори кои ја регулираат оваа област.

На внатрешно ниво, во албанската држава постои внатрешна потерница на која се наоѓаат 690 лица кои се обвинети за разни злосторства. Поради потешкотиите со кои се соочува албанската полиција при идентификацијата и пронаоѓањето на лица на национална или меѓународна листа на потерници, најчесто се бара помош од граѓаните со објавување на списоци и фотографии на тие лица на социјалните мрежи.

Кога станува збор за Западен Балкан, на листата на Интерпол на најбарани криминалци, се наоѓаат 11 Срби, 8 Црногорци, 22 Хрвати и четворица осомничени од Северна Македонија, кои исто така по националност се Албанци.