На пола милион граѓани во Македонија годинава им бил побаран поткуп, а 448 илјади дале мито
На нешто повеќе од пола милион граѓани во Македонија оваа година им бил побаран поткуп, а 448 илјади навистина дале поткуп. Новото истражување на МЦМС покажува дека корупцијата се подлабоко е вградена во системот, а граѓаните се се поподготвени да ја прифатат како нормална работа.
Паралелно со тоа, расте и подготвеноста за корупција. 45% од граѓаните велат дека би дале поткуп ако тоа е единствениот начин да си го решат проблемот, додека само 26% остануваат цврсто против, без разлика на околностите.
Сепак, најзагрижувачки според истражувањето е фактот што корупцијата речиси и да не се санкционира. Во целата 2024 година, само 73 лица биле осудени за злоупотреба или поткуп.
Денес, за 677 илјади граѓани поткупот е прифатлив начин за функционирање, бројка што значително се разликува од пред две години, кога две третини од населението го осудуваа секој коруптивен чин.
Општата перцепција кај граѓаните пак, односно 69% е дека повеќето службеници се корумпирани. На врвот на листата се судиите, обвинителите и полицијата. Кога станува збор пак кој може најмногу да се избори со корупцијата, граѓаните најмногу веруваат во МВР, односно 50,3%, а веднаш зад него е Владата со 47,4%.
Само 2,8% од граѓаните имаат целосна доверба во судовите.
Оваа година, најголем дел од граѓаните сметаат дека желбата за лично богатење на оние на власт е главен поттикнувач на корупцијата. Песимизмот и понатаму е висок, околу 80% од граѓаните очекуваат дека коруптивниот притисок ќе продолжи и во иднина.
Анкетата за МЦМС ја спорведе М-Проспект телефонски на репрезентативен примерок од 1.000 полнолетни лица во период помеѓу 4 и 25 јуни.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
