МЗ: Близу 350 лица викендов прегледани во Гостиварската болница со симптоми на ентероколит, три лица се хоспитализирани

Министерството за здравство соопшти дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар. Во тек се теренски увиди, епидемиолошки анкети и консолидација на пристигнатите пријави, по што Центарот за јавно здравје од Тетово како надлежен треба да донесе соодветна одлука, наведуваат до МЗ.
-Во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани: 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани; 140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни и девет прегледи во Ургентниот центар. Клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани лица останува низок. Сепак, поради зголемениот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности, наведуваат од Министерството за здравство.
Воедно, се додава дека Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди, епидемиолошки анкети и прибирање податоци од заболените. Досега се доставени околу 140 формални пријави за заразна болест, кои се обработуваат од страна на епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје.
-Институтот за јавно здравје е вклучен во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка, а заедничките тимови продолжуваат со анкетирање на заболените, анализа на можните заеднички изложувања и микробиолошко испитување на земените примероци. Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, надлежен за прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар е Центарот за јавно здравје Тетово. По спроведените теренски увиди, епидемиолошки анкети и консолидација на пристигнатите пријави, надлежниот Центар денес ќе донесе соодветна одлука, наведуваат од Министерството за здравство.
Во тек се: епидемиолошко истражување и активно следење на новите случаи; микробиолошки испитувања на примероци од пациенти; испитувања на примероци од водата и процена на можните извори на зараза; надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови и координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.
-Министерството за здравство апелира граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош. Јавноста ќе биде редовно и транспарентно информирана за лабораториските резултати, движењето на бројот на заболени и за сите дополнителни мерки што ќе бидат преземени, стои во соопштението.
MИА
Ново на Сител
-

Либан тврди дека израелската армија повторно употребила фосфорни бомби
-

Гаши од Каиро: Борбата против дискриминацијата е заштита на човечкото достоинство
-

ДЗС: Денеска ангажирани три цистерни со питка и техничка вода за потребите на Гостивар
-

Реактивиран пожарот во кавадаречко, два „ер трактори“ ангажирани во неговото гаснење
-

Прегазено 4 годишно дете на улица во Гостивар
-

Во текот на изминатиот викенд 34 лица приведени поради безобѕирно управување моторно возило
-

Над 70 лица минатата недела приведени во акциски контроли за недозволена трговија со дрога
-

Десетици илјади граѓани оствариле влез и излез од државата на ГП „Богородица", во последните 24 часа
