Македонија
11. May 2025 - 16:28

Муцунски во Шведска

Ден посветен за македонската дијаспора во Шведска. Пред официјалниот дел од посетата на Кралството, министерот за надворешни работи Муцунски ги посети Македонците во оваа скандинавска држава.

Првата точка беше Македонската православна црква „Св Наум Охридски“. Муцунски, барем според кажувањата на нашинците тука, е првиот шеф на македонската дипломатија кој официјално ги посетил. 

Посетата на црквата почна со литургија.

Црквата „Св. Наум Охридски“ е местото кадешто се собираат македонските кои живеат во јужниот дел од Шведска. Но оваа црква е храм, не само за Македонците, туку и за сите православни христијани кои немаат свои цркви во овој дел од Кралството Шведска.

По литургијата Муцунски се сретна со иселениците. Тие му ги кажаа своите административни проблеми,  но дадоа и идеи за шведски модели за управување со државата кои би можеле да се имплементираат. Муцунски задоволен. Вели, односот со дијаспората мора да биде двонасочен.

Утре шефот на македонската дипломатија ќе има повеќе средби на високо ниво, прво во Рикстагот, а потоа и министерките за надворешни работи и за Европска Унија, како и државнито секретар за надворешна трговија.

Муцунски утре ќе ја посети и Универзитетската болница Каролинска кадешто беа сместени и се лекуваа пациенти од трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“ со цел да му се заблагодари на медицинскиот персонал.