Македонија
15. October 2026 - 16:31

Можен рестарт на рафинеријата „Окта“

Дизел од домашно производство наместо само од увоз. Се разгледува можноста за повторно активирање на рафинеријата „ОКТА“, која не работи од 2012 година. Засега, идејата е во почетна фаза и треба да се утврди дали рафинеријата може повторно да проработи, колку би чинело тоа и дали би било исплатливо.

Можноста за рестартирање се отвора откако продуктоводот повторно е во функција и ја поврзува рафинеријата со Солунското пристаниште. Така, сурова нафта би можела да се носи од Грција до „ОКТА“, каде што би се преработувала во дизел.

„Тоа е нешто што е многу старо, има и претходни дискусии, меѓутоа сега е во рана фаза, така што треба да добиеме многу технички податоци и информации. Засега е само опција. Треба да се направи сериозна анализа. Продуктоводот веќе функционира добро, а кога ќе се направи детална техничка анализа со сите бројки и параметри, ќе знаеме повеќе“, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Во меѓувреме, надлежните уверуваат дека снабдувањето со дизел во земјава е стабилно. По разговорите со трговците со нафтени деривати, засега нема најави за проблеми, а државата располага и со задолжителни резерви на гориво.

„Ние досега многу добро поминавме, имавме секогаш снабдување, дури и нашите соседи на граничните примени 30% имаше зголемен број на користење на горивото, а сега за сега добро се оди во нашата држава. Значи имаме и државни резерви, имаше разговор со сите нафтени трговци и не уверија дека нема никаков проблем, не треба да се грижиме“, кажа министерката.

Регулаторната комисија неделава не направи корекција на цените на горивата. Се уште активни се и мерките за ублажување на поскапувањето – намалени акцизи за 4 денари и ДДВ од 10% на дизелот.